Српското Собрание во вторник ќе одржи конститутивна седница: Кој ќе го води парламентот и што е на дневен ред?

Новиот парламентарен состав на Србија ќе ги потврди пратеничките мандати, ќе избере претседател и потпретседатели на Собранието и ќе именува генерален секретар. Студентската листа освои 140 од вкупно 250 мандати.
epa13331780 Ilija Srdanovic (C), lead candidate of the 'Student List', celebrates after the parliamentary elections in Belgrade, Serbia, 25 October 2026. Approximately 6.5 million eligible voters were called to the polls to elect lawmakers for a four-year term. EPA/ANDREJ CUKIC

Конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Србија е закажана за вторник, 17 ноември. На седницата треба да бидат потврдени пратеничките мандати, да се изберат претседателот и потпретседателите на парламентот и да се именува генерален секретар.

На првата седница, по правило, се избираат и членовите на работните тела, како и постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции. На почетокот ќе биде интонирана химната на Србија „Боже правде“, а пред влезот на Домот на Народното собрание ќе биде распоредена Гарда на Војската на Србија.

Со седницата, до изборот на претседател на парламентот, ќе претседава најстариот пратеник. Во работата ќе му помагаат по еден најмлад пратеник од четирите изборни листи што освоиле најголем број пратенички мандати, како и генералниот секретар на Народното собрание. Собранието се смета за конституирано откако ќе бидат потврдени мандатите на две третини од пратениците.

По потврдувањето на мандатите, пратениците ќе положат заклетва, чиј текст гласи: „Се колнам дека должноста народен пратеник ќе ја извршувам посветено, чесно, совесно и верно на Уставот, дека ќе ги бранам човековите и малцинските права и граѓанските слободи и, според најдоброто знаење и умеење, ќе им служам на граѓаните на Србија, на вистината и правдата“.

Претседателот на парламентот се избира од редовите на пратениците, на предлог на најмалку 30 пратеници. Претставникот на предлагачот има право да го образложи предлогот, по што се отвора расправа за кандидатот. По завршувањето на расправата, претседавачот ја утврдува листата на кандидати за претседател на Народното собрание, подредени по азбучен ред според презимето.

Претседателот може да биде избран со тајно или јавно гласање. Во досегашната парламентарна практика, пратениците гласале јавно. Бројот на потпретседатели се утврдува со посебна одлука, а за нивно предлагање важат истите правила како и за изборот на претседателот на парламентот. Генералниот секретар го именува Собранието, на предлог на претседателот.

По конституирањето на Собранието почнува да тече рокот од 90 дена за формирање на Владата на Србија.

На предвремените парламентарни избори на 25 октомври, Студентската листа освои 140 од вкупно 250 мандати. Листата „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија, освои 103 мандати. По два мандата добија Сојузот на војводинските Унгарци и Албанската коалиција, додека по еден мандат освоија листите „Расим Љајиќ – Народски“, СДА Санџак и „Усаме Зукорлиќ – Движење за обединување“.

Кој учествуваше на консултациите?

Претставници на Студентската листа во петокот учествуваа на консултациите во Народното собрание, посветени на претстојната конститутивна седница. Детален извештај од средбата беше објавен на нивниот официјален профил на социјалната мрежа Икс.

Според објавените информации, делегацијата на Студентската листа ја сочинувале Марио Рељановиќ и Александар Чупиќ, додека листата „Обединета Србија“ ја претставувале Ана Брнабиќ и Миленко Јованов. На консултациите присуствувале и генералниот секретар на Народното собрание, Срѓан Смиљаниќ, како и претставници на малцинските листи.

Во соопштението Студентската листа навела дека инсистирала процесот на верификација на мандатите да заврши „максимално брзо и ефикасно“, а седницата да продолжи веднаш по неговото завршување. За имињата на членовите на Комисијата за верификација, собраниската администрација ќе биде навремено известена.

Еден од главните договори постигнати меѓу сите изборни листи е гласањето на седницата да биде јавно.

„Претседателот на Народното собрание, бројот на потпретседатели, како и нивните имиња, ќе бидат изгласани со мнозинство на седницата. Нашата пратеничка група демократски разговара за сите прашања и на истиот начин носи одлуки, а јавноста навремено ќе биде известена за можноста одреден број потпретседателски места да им бидат отстапени на другите групи“, соопштија од Студентската листа.


Кога станува збор за собраниските одбори, нивниот состав ќе биде пропорционален на големината на пратеничките групи. Претседателите на одборите ќе се избираат со мнозинство гласови на секој одбор поединечно. Меѓународните парламентарни делегации ќе бидат утврдени врз основа на предлог на претседателот на Собранието, по консултации со шефовите на пратеничките групи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс