Српската војска објави дека вишиот водник Милован Јовановиќ, кој бил распореден како дел од мировните сили на Обединетите нации во Либан, починал од последиците од повредите предизвикани од паѓање на ракета врз базата на ОН каде што се стационирани мировни сили, вклучувајќи го и дел од српскиот контингент.
Откако бил ранет, на Милован Јовановиќ му била укажана итна медицинска помош во болницата во базата, а потоа со хеликоптер бил пренесен во Универзитетскиот медицински центар во Бејрут, каде што починал околу 4 часот наутро по локално време, соопшти Министерството за одбрана.
Во нападот беа повредени уште двајца припадници на меѓународните сили – еден од вооружените сили на Република Ел Салвадор и еден од вооружените сили на Кралството Шпанија.
Вишиот водник Милован Јовановиќ е роден на 6 јуни 1989 година во Краљево. Зад себе остава сопруга и две малолетни деца.
Тој служел во српските вооружени сили од 10 декември 2011 година, а во мировната мисија во Либан од јануари оваа година.