Српски државјанин е уапсен во Скопје под сомнение дека нелегално влегол во Македонија за да изврши тешко кривично дело, најверојатно ликвидација по налог на организирана криминална група.
Според информациите што ги објавија српските медиуми, повикувајќи се на српското МВР, станува збор за 42-годишниот С. М., кој бил лоциран по долготрајна размена на оперативни информации меѓу македонската и српската полиција.
Осомничениот бил пронајден во засолниште во Скопје, каде што при претрес биле одземени пиштол „CZ“ со муниција, воен нож, црна тактичка униформа и мала количина марихуана. Кај него била пронајдена и српска лична карта на друго лице, за која истражителите се сомневаат дека ја користел како лажен идентитет.
Според досегашните сознанија, С. М. претходно нелегално ја преминал границата и влегол во земјава. Полицијата се сомнева дека бил поврзан со организирана криминална група и дека во Скопје престојувал со конкретна задача.
Истрагата продолжува во насока на утврдување на можната цел на нападот, како и на лицата кои евентуално му обезбедувале логистичка поддршка за време на престојот во Македонија.