Започна истрага за авионот што излета од писта во Сплит

Во авионот имало 130 патници и пет членови на екипажот, нема повредени, а причините за инцидентот треба да ги утврди официјалната истрага.
Foto: Index.hr

Започна истрага за сериозниот инцидент на аеродромот во Сплит, каде авион на Croatia Airlines излета од пистата при прекинато полетување кон Франкфурт. Во авионот имало 130 патници и пет членови на екипажот, а според првичните информации, нема повредени.

Инцидентот се случил во саботата околу 13:35 часот, кога Airbus A220-300 на летот OU412 ја започнал процедурата за полетување. Во текот на прекинатото полетување, по кочењето, едно тркало од стојниот трап излегло од асфалтираната површина на пистата и завршило на тревната површина покрај неа.

Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај го класифицираше случајот како сериозна незгода и отвори безбедносна истрага. Според првичните информации, авионот претрпел помала материјална штета, а биле оштетени и дел од вертикалната сигнализација и рабните светла на пистата.

Од Croatia Airlines соопштија дека екипажот постапил според пропишаните безбедносни процедури и дека сите патници и членови на екипажот безбедно го напуштиле авионот. Патниците биле евакуирани и згрижени во терминалот на аеродромот.

Станува збор за Airbus A220-300 со регистрација 9A-CAN, еден од поновите авиони во флотата на Croatia Airlines. Леталото било испорачано на компанијата во јуни минатата година, како дел од обновата на флотата на хрватскиот национален авиопревозник.

Поради инцидентот, сообраќајот на сплитскиот аеродром бил привремено прекинат, а дел од летовите биле пренасочени кон други аеродроми. Причината за излетувањето од пистата засега не е позната и ќе треба да ја утврди официјалната истрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс