Шпанија воведува строги мерки поради ризик од пожари пред големото помрачување

Шпанија воведува строги мерки поради екстремниот ризик од пожари пред целосното помрачување на Сонцето на 12 август.

Шпанија прогласи црвен аларм поради екстремно висок ризик од пожари во пресрет на целосното помрачување на Сонцето на 12 август, кога се очекува милиони луѓе да се упатат кон планинските и руралните делови на земјата за да го набљудуваат реткиот астрономски феномен.

Поради опасноста од избувнување нови пожари, властите воведуваат засилени превентивни мерки. Во повеќе делови од земјата се затвораат природни паркови и се ограничува пристапот до шумски патишта, додека дел од претходно планираните јавни активности и фестивали се откажуваат.

Најголема загриженост предизвикува комбинацијата од големиот број посетители, високите температури и исклучително сувата вегетација. Властите предупредуваат дека во вакви услови и најмала човечка невнимателност може да предизвика пожар кој брзо би се проширил.

Во подрачјата со висок ризик ќе биде забрането палење скари и огнови, како и употребата на огномети. Ќе има ограничувања и за паркирање возила во близина на сува вегетација.

Граѓаните и туристите се предупредуваат да не фрлаат отпушоци и да внимаваат со секоја активност што може да предизвика искра или оган. Посебен апел е упатен до посетителите да не ги блокираат патиштата и пристапните точки што би можеле да им бидат потребни на противпожарните и другите интервентни служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс