„Сопри ја колата“ и „Мртви корења“ со скопски премиери на ЅИРНИ 8

Филмските проекции на платото пред Домот на АРМ и во кино Котур ќе почнат во 19:30 часот

Скопските премиери на „Сопри ја колата“ на Игор Христов и „Мртви корења“ на Меглен Трпков Анжиќ се во фокусот на третиот фестивалски ден на осмото издание на фестивалот на филм и музика ЅИРНИ. Програмата за 1 октомври вклучува и работилница со актерката Сара Климоска, разговори со филмските автори и музичка селекција.

Филмските проекции на платото пред Домот на АРМ и во кино Котур ќе почнат во 19:30 часот.

На платото пред Домот на АРМ, покрај 17-минутниот „Сопри ја колата“, ќе бидат прикажани „Imaginary Numbers“ на Јелица Јериниќ, „Бадникови светилки“ на Ѓорѓи Лазов, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов, „nestling“ на Георги Мартев и „My Grandmother is a Skydiver“ на Полина Пидубна.

Во кино Котур публиката ќе го гледа „Мртви корења“, филм со времетраење од 25 минути. Во истата програмска целина се и „Still Running“ на Матија Штифаниќ, „QUO VADIS JAN“ на Леона Јариќ, „Сведоци“ на Јана Голабоска, „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски, „Procedure“ на Рабија Озмен и „Зад затворените врати на уметникот кој умре“ на Марио Петковски.

По филмските проекции се најавени разговори со присутните автори, модерирани од Мартина Петреска и Ханис Багашов.

Дневната програма почнува во 13 часот во Котур, со работилница за глума пред камера и за подготовка на самостојно снимена кастинг-аудиција, позната како „self tape“. Работилницата ќе ја води Сара Климоска и е наменета за студенти по актерска игра и за професионалци кои сакаат да слушнат за нејзиното искуство.

Климоска има улоги во домашни и меѓународни продукции, меѓу кои „Врба“, „Кајмак“, „You Won’t Be Alone“ и „Housekeeping for Beginners“. Во 2021 година беше избрана за „European Shooting Star“ за улогата во „Лена и Владимир“.

Вечерната програма во Котур продолжува во 21 часот со музичка селекција на DaPhunk.

Осмото издание на ЅИРНИ трае до 5 октомври, а целосната програма е достапна на социјалните мрежи на фестивалот и на www.dzirnifestival.com.

е-Трн да боцка во твојот инбокс