Сончевото време трае до среда, потоа следуваат поројни дождови и грмежи

Септември носи пресврт: по два дена со летни температури, од среда попладне пристигнуваат грмежи и локално невреме.

Македонија денеска и утре останува под влијание на сончева и топла воздушна маса со дневни температури до 35 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Метеоролозите најавуваат пресврт од среда попладне, кога под влијание на нестабилна воздушна маса следуваат поројни дождови, засилен ветер и грмежи низ повеќе региони во земјава.

Утринските мерења во 11 часот покажаа летни вредности низ целата земја. Најтопло беше во Гевгелија со измерени 30,8 степени, додека во Велес и Демир Капија живата на термометарот достигна 28,3 степени Целзиусови. Во Скопје, на мерната станица Зајчев Рид беа регистрирани 27,7 степени, а во Петровец 27,3 степени. Свежо остана само на планинските предели, па на Попова Шапка беа измерени 15,5 степени.

Стабилното време ќе се задржи до среда претпладне. Во втората половина од денот на 9 септември почнува период на изразена нестабилност, со локални врнежи од дожд, засилен ветер и грмежи. Максималните дневни температури и натаму ќе бидат високи, во среда и четврток меѓу 27 и 35 степени, додека утринските вредности ќе се движат од 10 до 18 степени.

Нестабилното попладне со услови за локално невреме ќе продолжи и во четврток и петок, кога југоисточниот ветер ќе премине во северозападен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс