Железничкиот сообраќај во јужниот дел на Германија е целосно блокиран поради пронајден сомнителен предмет кој може да претставува експлозивна направа. Техничар го забележал објектот меѓу праговите на пругата, на самиот влез во железничката станица Тројхтлинген, сместена јужно од Нирнберг. По откривањето, специјализирани тимови за деминирање на сојузната полиција веднаш излегоа на терен за да ја утврдат реалната опасност.
Од Полициската управа на Средна Франконија соопштија дека објектот веќе е снимен со рендгенски апарати, но анализите сè уште траат. Специјалците напоменуваат дека можноста за присуство на експлозив сè уште не е исклучена и дека се потребни дополнителни вештачења.
Полицијата потврди дека сообраќајната блокада останува на сила и дека засега нема прецизни проценки за тоа кога повторно ќе се отворат патиштата и пругите.
Заради заштита на граѓаните, полицијата и надлежните служби евакуираа повеќе згради во непосредна близина на железничката пруга.
Патничкиот превоз на локалните линии се одвива со автобуси и такси-возила, додека возовите на долги релации се пренасочуваат по забиколни рути. Градот Тројхтлинген, кој брои околу 13.000 жители, претставува важен железнички јазол меѓу Нирнберг и Инголштад, но брзата пруга која ги поврзува Минхен и Нирнберг минува поисточно и сообраќа нормално.