Roger Sanchez – „Another Chance“ (2001): Песната што освои светски топ-листи со позајмен стих и огромно црвено срце

Една жена шета низ Њујорк носејќи огромно црвено срце. Минувачите ја одминуваат, некои ја гледаат чудно, а срцето станува сè помало. Во позадина звучи хаус-мелодија која во 2001 година ќе стане еден од најпрепознатливите денс-хитови на деценијата.

Тоа е „Another Chance“ на американскиот диџеј и продуцент  Roger Sanchez – песна која годинава одбележува 25 години од објавувањето и зад која стои необична приказна за случајно откриен семпл, љубовна балада од осумдесеттите и спот што многумина го паметат подобро од самото име на песната.

Од рок-балада до хаус-хит

Приказната започнува во продавница за стари винилни плочи во Монтреал. Таму Санчез купил неколку плочи, меѓу кои и албумот „Toto IV“ на американската рок-група Toto.

На албумот се наоѓа баладата I Won’t Hold You Back, напишана од гитаристот Стив Лукатер. Санчез го издвоил краткиот вокален дел во кој се пее за желбата да се добие уште една шанса.

Го исекол семплот, го повторувал, додал нови акорди и ритам и од емотивна рок-балада создал хаус-песна наменета за клубовите.

Интересно е што „Another Chance“ била една од последните песни што ги направил за својот дебитантски албум „First Contact“. Според неговото сведоштво за DJ Mag, воопшто не очекувал дека ќе стане толкав хит. Сакал само уште една добра андерграунд-нумера за албумот.

„Another Chance“ излезе во јули 2001 година и веднаш се искачи на првото место на британската листа на синглови.

Тоа беше и првиот број еден хит за тогаш младата независна издавачка куќа Defected Records.

Нејзиниот основач Сајмон Данмор подоцна раскажувал дека песната пристигнала речиси на крајот од работата на албумот, но веднаш препознал дека токму таа може да направи пресврт.

Успехот бил толку голем што „Another Chance“ го задржала синглот „Eternity“ на Роби Вилијамс надвор од првото место во Британија. За независна издавачка куќа која се натпреварувала со големите музички компании, тоа било огромно достигнување.

Огромното црвено срце што стана симбол на песната

Ако музиката ја освоила клубската публика, видеоспотот ѝ дал дополнителна емоција.

Режисерот Philippe André го замислил видеото како краток филм за осаменоста и потрагата по љубов во голем град.

Главниот лик, кој го игра Кели Хачинсон, носи огромно црвено срце низ ноќните улици на Њујорк. По секое одбивање, срцето се намалува. Кога еден млад човек конечно ѝ приоѓа и ја поканува на кафе, тоа повторно расте.

Но приказната не завршува како класична романтична бајка.

Спотот бил снимен на 16-милиметарска филмска лента во текот на две ноќи во Њујорк. Режисерот вклучил и сцена со дијалог, поради што видеото трае подолго од самата песна.

Со едноставна визуелна идеја, „Another Chance“ добила едно од најпрепознатливите музички видеа на почетокот на 2000-тите.

25 години подоцна – уште една шанса за „Another Chance“

Во 2021 година, по повод 20-годишнината, видеоспотот доби HD-реставрирана верзија, а песната беше повторно издадена и на специјално винилно издание.

Пет години подоцна, во 2026 година, Defected ја одбележува 25-годишнината на песната, вклучувајќи ја и во четвртото издание од винилната серија „Defected Classics“, најавено за 30 октомври.

Од една случајно купена плоча во Монтреал до светските топ-листи и клубовите ширум светот, „Another Chance“ останува пример како неколку секунди од стара песна можат да добијат сосема нов живот.


А за денешниот Monday Dance, изборот е токму оваа хаус-класика – песна за втора шанса, со ритам што и по 25 години е препознатлив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс