Шок-проветрувањето поефикасно од прозорот на кип во борбата со загадувањето и влагата

Брзата промаја од пет минути го менува воздухот без да ги лади ѕидовите, додека подотворениот прозорец создава мувла и внесува смог.

Оставањето на прозорците подотворени со часови кога паѓаат температурите, а расте влажноста е најчестата грешка со која студот и загадениот воздух трајно влегуваат во домовите. Наместо континуирано ладење на просторот, решението е таканареченото „шок-проветрување“. Оваа техника овозможува целосна замена на воздухот за само пет минути преку силна промаја, спречува појава на влага околу рамките и го олеснува прочистувањето на домашниот простор во најкритичните зимски месеци.

Подотворениот прозорец во текот на грејната сезона не носи свежина, туку директно го лади ѕидот околу самата рамка. Токму таа температурна разлика на ладната површина создава кондензација, што подоцна станува главна причина за развој на мувла и габички во собите.

Истовремено, кога надвор има густа магла и високи концентрации на штетни честички, процепот на кип работи како постојан отвор низ кој смогот влегува во станот. Просторијата постепено го губи акумулираниот топол воздух од греењето, а внатрешниот воздух останува тежок и заситен со штетни материи.

Тајмингот на проветрувањето игра пресудна улога во урбаните средини каде што зимското загадување рутински ги надминува дозволените граници. Наместо рано наутро или доцна навечер кога температурната инверзија го држи загадувањето приземјено, отворањето треба да се прави исклучиво помеѓу 12:00 и 15:00 часот.

Во овој дневен прозорец сончевото зрачење и дневните струења малку ја разбиваат маглата, па концентрацијата на честички во воздухот е на најниско дневно ниво.

Техниката на шок-проветрување бара истовремено и целосно отворање на спротивни прозорци во домот. За времетраење од три до пет минути се создава силна струја која комплетно го истиснува застоениот внатрешен воздух и го заменува со надворешен.


Ѕидовите, подовите и мебелот во толку краток интервал нема да стигнат да се изладат, што значи дека температурата во собата се враќа на нормала веднаш по затворањето. По завршувањето на проветрувањето, доволно е прочистувачот за воздух да работи на највисока брзина околу десет минути за веднаш да ги собере честичките што влегле однадвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс