Средношколци во Берлин утрово ги блокираа влезовите на три гимназии, револтирани од најавите за враќање на задолжителниот воен рок во Германија. Со контејнери за смет поставени пред училишните врати и транспаренти со барања за поголеми буџети за образовниот систем, десетици млади порачаа дека парите од даноците треба да одат во подобрување на наставата, а не за вооружување и регрутација.
Протестот започна рано наутро пред гимназијата „Андреас“ во берлинската општина Фридрихсхајн. Десетици ученици довлекоа контејнери за отпад и го затворија главниот пристап кон зградата, држејќи транспаренти со пораки: „Запрете го задолжителниот воен рок и кратењата во образованието“, „Образование, а не војна“ и „Помали паралелки“.
Паралелно со оваа блокада, незадоволството се прелеа и пред гимназијата „Лајбниц“ во Кројцберг, додека група средношколци организираа протестен марш во непосредна близина на училиштето „Елен Кеј“.
Seit kurz vor 8 Uhr wird das Andreas Gymnasium in Berlin-Friedrichshain blockiert. Mehrere Eingänge sind von Schüler:innen und Unterstützer:innen versperrt oder durch Barrickaden blockiert. Auf einem Banner haben die Schüler:innen Forderungen aufgestellt: „Bildung statt Krieg! Kleinere Klassen! Unterstützung der Lehrkräfte!“
— Perspektive Online (@PerspektiveOn) October 16, 2026
Зад организацијата на овие акции стои движењето „Училишен штрајк против регрутацијата“. Нивната централна порака е дека државата мора да го насочи јавниот буџет кон модернизација на училниците, надминување на недостигот од наставен кадар и намалување на бројот на ученици во одделенијата, наместо кон планови за задолжителна воена служба.
Учениците истакнаа и транспаренти со натпис „Солидарност со Франција“, надоврзувајќи се на сличните масовни ученички протести во француските градови. На почетокот од седмицата, берлинските средношколци од Француската гимназија исто така ја блокираа својата институција во знак на поддршка за колегите од Париз.
Овој бран на незадоволство доаѓа во момент кога германските власти јавно дебатираат за враќање на некоја форма на регрутација поради геополитичките тензии во Европа. Додека во Германија ваквите мерки наидуваат на директен отпор кај генерациите кои први би биле засегнати, во регионот на Југоисточна Европа трендот веќе добива законска форма.
Во Хрватска и Србија плановите за враќање на воениот рок веќе влегоа во институционална процедура. Во Македонија, како членка на НАТО со целосно професионална армија, засега нема официјални иницијативи за регрутација, но германската дебата покажува колку младите генерации во европските метрополи одбиваат општествените кризи да се решаваат со милитаризација.
