Игор Штимац до младите на Торцида: Заведени сте, отворете очи

Поранешниот селектор на Хрватска бара лична одговорност за организаторите на нацистичките и антисемитските испади во Сплит
Фото: EPA/Jarek Praszkiewicz

Поранешниот хрватски фудбалски репрезентативец и селектор Игор Штимац упати директна порака до младите навивачи на Торцида, откако дел од навивачката поворка во Сплит извикуваше антисемитски и нацистички пароли пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс. Штимац оцени дека инцидентот изгледа однапред подготвен и побара преиспитување на навивачките водачи, додека полицијата веќе уапси три лица и трага по уште десетина учесници во скандалозниот настан.

Осудата за нацистичките и антисемитските испади на сплитските улици доби силен глас од спортската јавност. Во разговор за РТЛ, поранешниот фудбалер и тренер Игор Штимац отворено им се обрати на помладите членови на навивачката група.

„Првата порака е до младината на Торцида. Ширум отворете ги очите, момци. Заведени сте, направивте грешка, преиспитајте кои ви се водачите и кој сугерираше ова да се направи“, порача Штимац.

Тој посочи дека ваквите дејствија не се случајни, туку оставаат впечаток на однапред смислено сценарио во кое најмладите се искористени за екстремни пораки.

Сплитската полиција веднаш започна постапка за идентификување на лицата од навивачкиот кортеж кои ги извикуваа спорните пароли. Според официјалните информации од истрагата, приведени се три лица против кои се води кривична истрага, а безбедносните служби работат на идентификација на најмалку уште десет други учесници.

Штимац ја нагласи потребата од индивидуална одговорност и расчистување со структурите што намерно внесуваат екстремизам на трибините.


„Секогаш постоеле уфрлени елементи, со одредени и јас ги водев своите битки во свое време. Тие имаат свое име и презиме, нив треба да ги санкционираат. Секогаш зборуваме за оние што дозволиле и зошто дозволиле тоа да се направи. Знаеме дека постојат безбедносни мерки, знаеме какви се протоколите пред, за време и по натпреварот. Да зборуваме за поединци и за поединечна одговорност“, посочи Штимац.

е-Трн да боцка во твојот инбокс