Популарниот секојдневен напиток, сокот од портокал, може да има позитивно влијание врз контролата на висок крвен притисок и покачен холестерол, покажуваат повеќе истражувања. Но, експертите нагласуваат дека придобивките важат само кога се консумира умерено и како дел од балансирана исхрана.
Според истражување од 2021 година, објавено во „Јуропиан џурнал оф нутришн“, редовното пиење сок од портокал во период од 12 недели било поврзано со намалување на крвниот притисок кај учесниците.
Научниците како важна состојка го издвојуваат хесперидинот, природно соединение што се наоѓа во портокалот. Се смета дека тој може да помогне во намалување на систолниот и пулсниот притисок, особено кај лица со зголемен кардиоваскуларен ризик.
Слични резултати биле забележани и во претходни студии, каде што подолготрајната умерена консумација на сок од портокал покажала подобрување на вредностите на крвниот притисок.
Истражување од 2023 година, објавено во списанието „Липидс ин хелт енд дизис“, укажува дека луѓето кои редовно пијат околу две чаши сок од портокал дневно имаат пониски нивоа на вкупен холестерол. Дополнително, анализа на повеќе студии покажува дека овој напиток може да придонесе и за намалување на „лошиот“ ЛДЛ холестерол.
Сепак, сокот од портокал не треба да се сфати како замена за терапија или медицински совет. Тој содржи значителна количина природни шеќери, па прекумерното пиење не се препорачува, особено кај лица што треба да внимаваат на внесот на шеќер.
Здравствените препораки остануваат исти: за контрола на крвниот притисок и холестеролот најважни се балансирана исхрана, редовна физичка активност, намален внес на сол и заситени масти, како и здрави животни навики.
Сокот од портокал може да биде корисен дел од исхраната, но само ако се пие разумно — како додаток, а не како главно решение за здравјето на срцето.