Со „Набуко“ и емотивна посвета на Ристе Велков свечено затворени 54. Мајски оперски вечери

Грандиозната опера „Набуко“ од Џузепе Верди го затвори 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Изведбата во Националната опера и балет беше посветена на прерано починатиот баритон Ристе Велков.

Со спектакуларна изведба на операта Набуко, синоќа во Национална опера и балет свечено беше спуштена завесата на 54. издание на Мајски оперски вечери, една од најзначајните музичко-сценски манифестации во земјава.

6

Монументалното дело на Џузепе Верди беше изведено под диригентската палка на Јерухам Шаровски, во режија на Ренато Бонајуто. Сценографијата и костимографијата ги потпишуваат Флавио Арбети и Артемио Кабаси, додека кореограф беше Маја Митровска-Богојевска.

Во главните улоги настапија италијанските оперски ѕвезди Алберто Газале како Набуко и Сузана Бранкини како Абигаиле. Публиката имаше можност да ги проследи и настапите на Николина Јаневска, Ѓорѓи Цуцковски, Хиденори Иноуе, Диме Петров, Ана Ројдева и Никола Стојчески, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Особена емоција на вечерта ѝ даде посветата на неодамна починатиот првенец на македонската опера, Ристе Велков. Од Националната опера и балет потсетија дека токму улогата на Набуко била една од неговите највпечатливи сценски остварувања.

„Со својата уметност, глас и сценско присуство, Ристе Велков остави длабока и трајна трага во македонската оперска уметност. Неговото име и уметничко наследство ќе останат трајно врежани во историјата на македонската опера“, истакнаа од институцијата.

Операта „Набуко“ е едно од најпознатите дела на Верди и ја раскажува приказната за вавилонскиот крал Набуко, падот на неговата моќ, духовното преображение и ослободувањето на еврејскиот народ од ропство. Делото е особено познато по легендарниот хор „Va, pensiero“, кој се смета за една од најпрепознатливите музички теми во светската оперска литература.

Со оваа грандиозна продукција беше заокружено уште едно успешно издание на „Мајски оперски вечери“, фестивал кој повеќе од половина век претставува симбол на оперската и музичката култура во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс