Зимските услови го отежнуваат сообраќајот низ повеќе земји во регионот. Додека во Србија, Албанија и Бугарија снегот предизвикува проблеми на патиштата, во Хрватска силната и орканска бура затвори важни сообраќајници и го прекина копнениот пристап до островот Паг.
Хрватска: затворени А1 и Пашкиот мост, островот е отсечен
Поради силниот ветер, за сообраќај на сите возила е затворен автопатот А1 меѓу клучките Свети Рок и Поседарје, како и Јадранската магистрала меѓу Карлобаг и Света Марија Магдалена. Затворени се и патот Масленица–Затон Обровачки, Пашкиот мост и обиколницата кај Омиш. Островот Паг утрово беше целосно отсечен од копното – мостот е затворен, а траектната линија Призна–Жигљен е во прекин. На делови од автопатот А6 и Јадранската магистрала сообраќајот е дозволен само за патнички возила.
Хрватскиот хидрометеоролошки завод издаде црвено предупредување за Велебитскиот канал, каде што налетите на бурата може да достигнат 160 километри на час. Се очекуваат и снег и лапавица во внатрешноста, а ниските температури носат опасност од голомразица.
Србија: снег до пет сантиметри, камионите чекаат на Шид
Според утринскиот извештај на „Патишта на Србија“ од 7:30 часот, на повеќе патни правци има влажен снег до пет сантиметри. Снег е забележан во подрачјата на Ивањица, Нови Пазар, Пожега, Ужице, Ваљево, Врање и Заечар, како и на делови од автопатите А5 и А2. На планинските патишта, мостовите и превоите постои зголемен ризик од поледица. Дополнително, во клисурите во околината на Заечар се пријавени одрони.
Според податоците на граничната полиција од 5:15 часот, камионите на преминот Шид чекале околу два часа за излез од Србија. На другите гранични премини немало подолги задржувања, а на наплатните станици немало чекање.
Албанија: снег и проблеми кај тунелот Калимаш
Снегот во североисточниот дел на Албанија го отежнува движењето на возилата по Патот на нацијата, особено во близина на тунелот Калимаш. Според локалните извештаи, дел од возачите морале да запрат поради снегот на коловозот и намалената видливост, а на терен се испратени возила за чистење и помош.
Снежни врнежи се забележани и во Кукс и во повисоките планински предели. Снег има и на патот Корча–Дарда, каде што албанската патна управа соопшти дека коловозот е отворен и сообраќајот се одвива без поголеми проблеми. Возачите што се движат низ северните и планинските делови на земјата треба да имаат зимска опрема и синџири за снег.
Бугарија: повеќе од илјада возила за чистење, ограничувања за камиони
Снегот и силниот ветер предизвикуваат проблеми низ поголем дел од Бугарија. Според информациите објавени утрово, во 6 часот на терен биле ангажирани 1.062 возила за чистење на снег, а на одредени места има снежни наноси и намалена видливост.
Воведени се привремени ограничувања за камиони потешки од 12 тони на повеќе делници од автопатите и националната патна мрежа, особено на планинските превои во Стара Планина и Родопите. Затворен е патот Варна–Добрич, а ограничувања има и на Котленскиот превој и на делници во областите Русе, Силистра и Шумен.
Во областа Враца снежните наноси предизвикале дополнителни проблеми, а сообраќајот на тешките товарни возила е привремено ограничен кај Краводер поради заглавени камиони. Надлежните ги повикуваат возачите да избегнуваат непотребни патувања и да не ги попречуваат возилата за чистење на снег.
Возачите што денеска патуваат низ регионот треба да ја проверат состојбата на патиштата непосредно пред тргнување, да користат соодветна зимска опрема и да сметаат на можни застои и промени во режимот на сообраќај.
Извори: ХАК, „Патишта на Србија“, АМСС
