Денот на Републиката, 29 ноември, беше еден од најзначајните државни празници во социјалистичка Југославија. Се одбележуваа прогласувањето на Федеративна Народна Република Југославија во 1945 година и одлуките на Второто заседание на АВНОЈ од 1943 година. Во Македонија не е државен празник од почетокот на деведесеттите години. Сепак, Денот на Републиката продолжува да живее во носталгијата, музиката и сеќавањата на генерациите што растеа во заедничката држава.
Роденденот на државата што траеше 46 години
На 29 ноември 1945 година Уставотворното собрание ја прогласи Федеративна Народна Република Југославија, со што монархијата беше и формално укината. Изборот на датумот не беше случаен, туку се надоврзуваше на одлуките од Второто заседание на АВНОЈ, одржано во Јајце точно две години претходно.
Така 29 ноември доби двојно значење: датум на создавањето на републиката и симбол на крајот на монархијата. Се прославуваше два дена, со свечености во училиштата и фабриките, семејни гостувања и прием на првачињата во Сојузот на пионерите. Децата тогаш ја добиваа препознатливата црвена марама и сината капа, полагаа заклетва и учествуваа во својот прв голем државен ритуал.
Македонија го отстрани датумот по независноста
Со распадот на југословенската федерација, новите независни држави почнаа да ги менуваат своите празнични календари. Сојузна Република Југославија, составена од Србија и Црна Гора, го задржа 29 ноември како државен празник уште неколку години. Македонија почна да го преуредува празничниот календар по прогласувањето на независноста во 1991 година. Етнологот Љупчо Ристески ја проучувал таа промена во периодот од 1991 до 2008 година, во труд објавен во списанието „Етно АнтропоЗум“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Неговата анализа покажува дека промената на празничниот календар не била резултат на една единствена одлука, туку процес што се одвивал во неколку фази.
Носталгијата по една држава што повеќе не постои
За генерациите што пораснаа во Југославија, 29 ноември е поврзан со црвените пионерски марами, свеченостите во училиштата, семејните собири и два слободни дена. За оние родени по 1991 година, пак, Југославија е пред сè дел од семејните приказни, музиката на новиот бран, филмовите, културните симболи и фотографиите од едно време што не го доживеале.
Денот на Републиката веќе не е дел од официјалниот празничен календар на Македонија, но неговото место во колективната меморија не исчезна со промената на државните граници. За едни е потсетник на младоста, за други дел од семејното наследство, а за третите можност да разберат една историја што и денес влијае врз регионот.
