Андроид го забележа најнискиот удел во глобалната продажба на паметни телефони во третото тримесечје од 2026 година. Според податоците на „Контрапоинт рисрч“, неговиот удел паднал од 79 на 74 отсто во споредба со истиот период лани, додека Епл и Хуавеј бележат подобри резултати. Причината за промената е кризата со снабдувањето со мемориски чипови, која ги зголемува трошоците за производство и ги поскапува телефоните. Најсилно се чувствува кај уредите од пониската ценовна класа, токму сегментот што со години му овозможуваше на Андроид да доминира на глобалниот пазар.
Вкупната глобална продажба на паметни телефони во третиот квартал била за 16 отсто помала отколку во истиот период во 2025 година. Според „Контрапоинт рисрч“, недостигот од РАМ-меморија особено го погодува почетниот сегмент, а поскапувањето на компонентите создава притисок и врз поскапите модели.
За разлика од Андроид, оперативниот систем на Епл, иОС, го зголемил уделот на 21 отсто – највисоко ниво за трет квартал досега. Продажбата на ајфоните пораснала за два отсто на годишно ниво, и покрај зголемувањето на цените. Најголема побарувачка имало за моделите Ајфон 18 Про и Про Макс.
Добри резултати бележи и Хуавеј, чиј оперативен систем ХармониОС има пет отсто од глобалниот пазар. Во континентална Кина неговиот удел достигнал 22 отсто, а продажбата на телефоните на компанијата пораснала за 12 отсто, иако кинескиот пазар во целина се намалил за десет отсто.
Сепак, притисокот врз производителите на телефони со Андроид може дополнително да се зголеми во 2027 година. Според информации што ги пренесува „Андроид ауторити“, „Шаоми“ и „Виво“ ги намалиле планираните испораки за следната година за приближно една четвртина. Проценките се засноваат на извештаи од кинески медиуми и извори од синџирите на снабдување.
Не се очекува цените на мемориските чипови да се стабилизираат пред крајот на 2027 година. Тоа може да значи помал избор и повисоки цени за купувачите, особено во категоријата на достапни Андроид-телефони.
