К-15 : Колку пари ви следуваат до 31 декември и што да направите ако не ви исплатат?

Во приватниот сектор минималниот регрес во моментов изнесува 19.516 денари, а во јавниот 13.559,40 денари. Правото зависи од најмалку шест месеци работа кај истиот работодавач во текот на годината, а рокот за исплата е 31 декември.

Ако сè уште го чекате К-15 за 2026 година, работодавачот има рок да го исплати до 31 декември. Според пресметките што важат на 29 ноември, минималниот регрес во приватниот сектор изнесува 19.516 денари, додека во јавниот сектор изнесува 13.559,40 денари.

Износите се разликуваат затоа што двата сектора имаат различни колективни договори и основици за пресметка. Пред да проверите колку ви следува, важно е да утврдите дали сте работеле најмалку шест месеци кај истиот работодавач во текот на календарската 2026 година.

Ако сте работеле четири месеци во една фирма, а потоа уште четири во друга, периодите не се собираат за да го исполните условот кај едниот работодавач. Ако, пак, сте почнале со работа во јули и до крајот на декември ќе наполните шест месеци кај истиот работодавач, го исполнувате основниот временски услов.

Колку К-15 следува во приватниот сектор?

Според членот 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, регресот за годишен одмор треба да изнесува најмалку 40 отсто од просечната месечна нето-плата исплатена во последните три месеци за кои има објавени податоци.

За пресметката што важи од 20 ноември до 21 декември 2026 година, основицата е 48.790 денари, односно просекот на нето-платите за јули, август и септември. Четириесет проценти од оваа сума изнесуваат 19.516 денари. Тоа значи дека минималниот регрес не се пресметува според висината на личната плата. Работник со нето-плата од 35.000 денари и колега со 55.000 денари имаат ист минимален износ, ако за нив важи истиот колективен договор и истата основица.

Со колективен договор на ниво на дејност или работодавач може да биде утврден и повисок регрес.

Важен е и датумот на одлуката за исплата. Износот се утврдува според основицата што важи на денот кога работодавачот ја донел одлуката. Ако во меѓувреме Државниот завод за статистика објави нови податоци за платите и се промени основицата, за подоцнежна одлука ќе важи новата пресметка.

Колку добиваат вработените во јавниот сектор?

Во јавниот сектор регресот се пресметува според членот 21 од Општиот колективен договор. Тој предвидува најмалку 30 отсто од просечната месечна нето-плата исплатена во претходната година. Просечната нето-плата за 2025 година изнесувала 45.198 денари, па пресметката за 2026 година е 13.559,40 денари. И во овој сектор може да биде договорен повисок износ со колективен договор на ниво на сектор, оддел, група или работодавач.

Исплатата е условена и со економскиот раст: во најмалку едно од претходните четири последователни тримесечја не смее да има негативен реален раст на БДП. Во второто тримесечје од 2026 година е забележан реален раст од 4,3 отсто.

Што ако не сте користеле годишен одмор?

Самото некористење на годишниот одмор не значи дека го губите правото на К-15. Комисијата за следење на примената и толкување на Општиот колективен договор за јавниот сектор појаснува дека правото не зависи од тоа дали работникот користел годишен одмор, туку од исполнувањето на условот за работа кај истиот работодавач.

Комисијата дополнително појаснува дека, по правило, работникот треба фактички и ефективно да работел најмалку шест месеци во календарската година. Исклучок се работниците кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, како и оние со непрекинато боледување подолго од шест месеци.

Може ли фирмата да исплати помалку од минималниот износ?

Во приватниот сектор постои можност за исплата на понизок регрес ако работодавачот има економско-финансиски тешкотии, но тоа не може да се оправда само со усно објаснување дека фирмата имала лоша година.

Колективниот договор предвидува задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка или оддел и склучување спогодба. Таа треба да биде потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација кај него. Ако во фирмата нема синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник на работниците.

Работникот може да побара да ја види спогодбата и да провери дали е спроведена пропишаната постапка.

Каде да пријавите ако не ви исплатат К-15?

Ако до 31 декември не добиете регрес, а ги исполнувате условите, можете да поднесете пријава до Државниот инспекторат за труд. Пријавата може да биде со име или анонимна.

Во неа наведете кој е работодавачот, колку време сте работеле кај него и дали регресот воопшто не бил исплатен или сте добиле помал износ од оној што ви следува. Зачувајте го договорот за вработување, банкарскиот извод и евентуалната писмена комуникација со работодавачот.


За помош и заштита на работничките права можете да се обратите и до Сојузот на синдикатите на Македонија на телефонскиот број 070 818 878 или преку бесплатната апликација „ССМ – мои работнички права“, која овозможува и анонимно пријавување. Ако работодавачот не ја исполни обврската, работникот може да побара заштита и преку надлежниот суд. Неисплатениот регрес не е само прашање на добра волја на фирмата, туку право утврдено со колективен договор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс