Невремето „Аргос“ ја погодува Грција: Црвен аларм за Атина, ветер до 10 бофори

За недела, 29 ноември, се најавуваат обилни врнежи и грмотевични бури во Атика, Евија и други региони. Во Егејското Море ветерот локално може да достигне 10 бофори.

Грција е подготвена за засилување на невремето „Аргос“, кое во недела, 29 ноември, треба да ги зафати источните делови на земјата. За Атика, каде што се наоѓа Атина, Евија и Спорадите е издадено црвено предупредување поради обилни дождови и грмотевични бури, а во Егејското Море се очекуваат ветрови со јачина до 10 бофори.

Според грчкото Министерство за климатска криза и цивилна заштита, црвеното предупредување ги опфаќа и областите Лариса и Магнезија во источна Тесалија, како и Беотија и Фтиотида во централна Грција.

Во текот на денот невремето постепено треба да се прошири кон Пелопонез, со обилни врнежи и грмотевични бури во Коринтија, Арголида, источна Аркадија и Лаконија.

На истокот од земјата се очекуваат силни северни и североисточни ветрови со јачина од девет бофори, а во делови од Егејското Море и до 10 бофори. Според метеоролошките предупредувања, особено силни налети се можни долж источниот брег на Евија и во централниот дел на Егејското Море.

Жителите на Евија, Фтиотида, Беотија, Магнезија и Спорадите уште во саботата добиле предупредувања преку системот 112. Атика е ставена во состојба на засилена цивилна готовност, а ист статус за недела имаат и регионите Тесалија и Централна Грција.

Невремето носи ризик од поплави, проблеми во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Се очекуваат и локални обилни снежни врнежи во планинските и полупланинските делови на северна и централна Грција, а привремено снег може да има и на пониски надморски височини на северот.


Според најавите на грчката метеоролошка служба, невремето ќе продолжи и во понеделник, 30 ноември, кога црвено предупредување за обилни дождови и грмотевични бури се очекува да важи и за Крит. Силни ветрови ќе продолжат да дуваат над Егејското Море.

е-Трн да боцка во твојот инбокс