Како неколку хипици од Амстердам ја сменија европската приказна за канабисот?

Неколку хипици зазедоа напуштена пекарница и ја нарекоа по песна на Донован поврзана со урбан мит за лупини од банана. Повеќе од половина век подоцна Холандија експериментира со целосно регулирано снабдување, додека Македонија дозволува производство и извоз на медицински канабис, но не и рекреативна употреба.

Првиот холандски кофишоп, „Мелоу Јелоу“, бил отворен во Амстердам во 1972 година, во напуштена пекарница на улицата Весперзајде. Идејата била канабисот да се продава на отворено, иако неговата продажба формално останала нелегална. Оттогаш холандскиот модел помина низ децении толеранција, правна сива зона и експерименти со регулирано снабдување. Денес земјата има 563 кофишопи, а Европа и Македонија сè уште бараат сопствен одговор на прашањето како да се регулира канабисот.

Чајџилница со шифра во името

Во 1972 година студентот Вернард Бруининг и неговите пријатели зазеле напуштена пекарница во Амстердам, на улицата Весперзајде. Ја претвориле во чајџилница, инспирирани од американските кафулиња за канабис од дваесеттите и триесеттите години, а за име ја избрале песната „Мелоу Јелоу“ на Донован. Песната била поврзувана со урбаниот мит дека пушењето лушпи од банана има опојно дејство, па името било и своевидна шифра за упатените. Гостите нарачувале чај или кафе, а потоа можеле да купат хашиш во пластични ќесиња по фиксни цени од 10 и 25 гулдени. Така се избегнувало дотогашното купување на улица, каде што купувачите често не знаеле што навистина добиваат.

Концептот брзо привлекол посетители и станал пример за други претприемачи. Во 1975 година во Амстердам се појавиле и „Русланд“ и „Булдог“. Од таа култура постепено се развил холандскиот модел на кофишопи. Според официјалниот попис за 2024 година, во Холандија имало 563 вакви објекти, распоредени во 103 општини.

Влезот беше толериран, задната врата не

Холандскиот систем со децении функционираше преку правен парадокс. Продажбата на мали количества канабис во кофишопите се толерираше под строги услови, но одгледувањето и снабдувањето останаа нелегални. Така кафулињата можеа да продаваат канабис, но не и легално да го набавуваат од производителите. Овој проблем е познат како „проблемот на задната врата“.

За да го реши, Холандија започна државен експеримент со затворен синџир на снабдување. По подготвителните фази, на 7 април 2025 година започна главната експериментална фаза во десет општини, во кои кофишопите смеат да продаваат само регулирани производи од лиценцирани одгледувачи. Системот вклучува контрола на производството, квалитетот, пакувањето и следењето на производите.

По првата година, во април 2026 година, инспекцијата регистрирала 42 прекршоци при 46 контроли на десетте одгледувачи. Најчесто станувало збор за неправилности во евиденцијата и непочитување на безбедносните правила. Инспекцијата соопштила дека нема индикации дека лиценцираните производители биле поврзани со нелегалниот пазар.

Амстердам не е дел од експериментот. Самиот „Мелоу Јелоу“ ги затвори вратите на почетокот на 2017 година поради градското правило според кое кофишоп не смее да се наоѓа на помалку од 250 метри од училиште. Најблиску до него се наоѓала академија за фризери, оддалечена само 230 метри.

Македонија одгледува за медицински цели, но не дозволува рекреативна употреба

Македонија тргна по друг пат. Во 2016 година беше законски дозволено одгледување канабис за медицински и научни цели, под посебни услови и со лиценца од надлежните институции. Со тоа започна развојот на домашна индустрија за производство на медицински канабис и производи од него, делумно ориентирана кон странските пазари.

Пристапот до медицински препарати од канабис е регулиран преку медицински индикации и лекарски рецепти, додека одгледувањето е дозволено само за лиценцирани правни лица. Рекреативната употреба, поседувањето и продажбата надвор од законски утврдените услови остануваат забранети.

Индустријата, сепак, се соочи со сериозни проблеми во контролата. Во февруари 2026 година, по заплената на повеќе од 40 тони марихуана и канабисна биомаса од правни лица во земјата, Министерството за здравство најави вонредни контроли на сите 43 лиценцирани субјекти. Контролите следуваа по откриени неправилности и разлики во евиденцијата на произведените, складираните и предадените количества.

Во меѓувреме, европските држави применуваат различни модели. Малта во 2021 година го регулираше ограниченото поседување и домашното одгледување за лична употреба, а Германија во април 2024 година дозволи полнолетните лица да поседуваат ограничени количества и да одгледуваат канабис дома, под утврдени услови.


Така Македонија се најде во поинаков парадокс од холандскиот. Производството на канабис за медицински цели е дозволено и лиценцирано, но граѓаните немаат право на рекреативна употреба. Прашањето не е само дали канабисот треба да биде легален, туку и кој има право да го произведува, под кои услови, кој го контролира пазарот и кој има пристап до производот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс