Повторно хакиран националниот регистар на Данска: украдени личните податоци на 11.000 луѓе

Новиот упад бил откриен на 23 ноември, иако властите претходно ги зајакнале безбедносните системи по големиот октомвриски инцидент во кој биле изложени податоците на 8,8 милиони лица. За најновиот напад е уапсен 18-годишник.

Националниот регистар на граѓани на Данска повторно бил цел на неовластен пристап. Овојпат биле изложени личните податоци на околу 11.000 луѓе, соопшти данското Министерство за дигитални прашања, наведувајќи дека упадот бил откриен и запрен благодарение на новиот систем за техничко следење.

Новиот безбедносен систем го открил упадот

Администрацијата на Централниот регистар на лица (CPR) забележала сомнителна активност на 23 ноември, поврзана со пристапот на една компанија до податоците во системот. Според данското Министерство, неовластени лица пристапиле до податоците поврзани со имињата, адресите и матичните броеви на околу 11.000 луѓе. Не биле засегнати имињата и адресите на лицата што имаат посебна заштита на овие податоци.

Инцидентот бил запрен со новиот систем за следење на пребарувањата во регистарот, воведен по претходниот напад во октомври. За најновиот упад е уапсен 18-годишник, кој е задржан во притвор. Според полицијата, тој неовластено пристапил до Централниот регистар и успеал да преземе 11.000 идентификациски броеви, објави „Еуроњуз“.

Во октомври биле изложени податоците на 8,8 милиони лица

Ова е втор голем безбедносен инцидент во данскиот регистар за помалку од два месеца. На почетокот на октомври властите објавија дека неовластени лица пристапиле до податоците на околу 8,8 милиони регистрирани лица, вклучувајќи имиња, адреси и матични броеви.

Во тој случај, пристапот до системот бил злоупотребен преку легитимна корисничка сметка на приватна данска компанија. Лицето што тогаш ја презело одговорноста за упадот, во комуникација со весникот „Политикен“, тврдело дека користело податоци за најава на поранешен вработен, чија лозинка била „123456“. Ова тврдење не е официјално потврдено.

Сторителите на октомврискиот напад сè уште не се идентификувани, а полицијата ги истражува двата случаи.

Данска најавува темелна модернизација на регистарот

По повторениот упад, данските власти најавија дека ќе го модернизираат целиот систем на Централниот регистар и ќе ги заострат условите за компаниите што имаат пристап до него.

Безбедносната проверка започната по октомврискиот инцидент треба да заврши пред крајот на годината. Министерството оценува дека се потребни и технички промени и построги правила за користење на личните податоци.

Во септември данската Агенција за цивилна безбедност го подигна нивото на закана од деструктивни сајбернапади врз земјата од средно на високо.


Извори: Данско Министерство за дигитални прашања, „Еуроњуз“, АФП.

е-Трн да боцка во твојот инбокс