Ново жариште на Ебола ја потресе Демократска Република Конго, каде според официјалните податоци досега починале најмалку 65 лица, а повеќе од 240 се заразени. Станува збор за една од најсериозните епидемии во последните години во земјата која со децении се бори со смртоносниот вирус, но и со вооружени конфликти, сиромаштија и слаб здравствен систем.
Страв од нов сој на вирусот
Според првичните информации на Africa CDC, можно е да станува збор за поинаков сој на вирусот, кој не е поврзан со најчестиот „Заир“ облик на ебола. Во тек е генетско секвенционирање на вирусот, а експертите предупредуваат дека евентуална нова варијанта би можела дополнително да ја усложни борбата против заразата.
Жан-Жак Мујембе, еден од научниците кои учествуваа во откривањето на еболата во 1976 година, предупреди дека новиот сој би можел да претставува сериозен предизвик за здравствените власти. Тој потсети дека речиси сите претходни 16 епидемии во Конго биле поврзани токму со „Заир“ сојот на вирусот.
Епидемијата избувна во нестабилен регион
Заразата е регистрирана во источната провинција Итури, област оддалечена повеќе од илјада километри од главниот град Киншаса. Регионот е познат по нестабилната безбедносна состојба и присуството на вооружени групи, што сериозно ја отежнува работата на медицинските тимови и контролата на ширењето на вирусот.
Иако властите сè уште официјално не прогласиле епидемија, според британскиот The Telegraph, тоа се очекува наскоро на вонредна прес-конференција.
Еболата е една од најопасните заразни болести во светот. Вирусот се пренесува преку телесни течности како крв, повраќање, плунка или семена течност, како и преку контакт со оштетена кожа. Болеста предизвикува тешки крварења, оштетување на органите и често завршува со смрт.
Првите симптоми вклучуваат: висока температура, болки во мускулите, силен замор, главоболка, болки во грлото. Подоцна може да дојде до повраќање, дијареја, осип и внатрешни и надворешни крварења.
Смртноста достигнува и до 50 проценти
Според Светска здравствена организација, просечната стапка на смртност кај еболата е околу 50 проценти. Иако не постои специфичен лек, достапни се вакцини кои можат значително да помогнат во спречување на ширењето на вирусот.
Здравствените експерти предупредуваат дека комбинацијата од нестабилна безбедносна состојба, сиромаштија и слаб пристап до медицинска грижа создава идеални услови за брзо ширење на заразата во делови од Африка.