Смее ли да се мие моторот на електричен автомобил?

Електричните автомобили имаат чувствителни електронски компоненти под предниот капак, па миењето со силен млаз вода може да предизвика оштетувања и тешко откриливи дефекти.

Електричниот автомобил не се мие како автомобил со класичен мотор. Иако кај многу модели просторот под предниот капак изгледа познато, таму се наоѓаат чувствителни електронски компоненти, контакти и точки на уземјување кои не трпат агресивно миење со вода под висок притисок.

Многу сопственици ја прават истата грешка: го отвораат предниот капак и го мијат просторот како кај бензинец или дизел. Но кај електричните возила, силниот млаз вода може да навлезе таму каде што не треба и да ги оштети електронските делови и контактните точки.

Висок притисок не е добра идеја

Прашина, сол и нечистотии навистина се собираат во просторот на моторот, особено во зима и рана пролет, кога патиштата се третираат со сол. Но тоа не значи дека решението е перач под висок притисок.

Стручњаците предупредуваат дека силниот млаз може да предизвика проблеми на електричните контакти и електронските компоненти. Валкани или кородирани контакти можат да доведат до губење електрична енергија, прекини во работата и дефекти што подоцна тешко се дијагностицираат.

Најризични се контактите и точките на уземјување

Особено чувствителни се точките на уземјување, кои во текот на зимата се изложени на влага и сол. Ако тие кородираат или се оштетат, проблемот не мора веднаш да биде видлив, но може да се појави преку неправилна работа на системите во возилото.

Токму затоа, чистењето треба да биде внимателно и умерено, а не „колку посилен млаз, толку подобро“. Кај електричните автомобили тоа правило може скапо да чини.

Како безбедно да се чисти?

Наместо агресивно миење, се препорачува нежно чистење со благо влажна крпа. За поделикатните делови, некои сервиси користат и чистење со пареа, но тоа треба да го прават лица што знаат кои компоненти смеат да се третираат и како.

Најбезбедно е сопствениците да го проверат упатството од производителот или да побараат совет од овластен сервис, особено ако возилото често се вози во услови со снег, сол, кал или влага.

Електричните автомобили бараат помалку класично механичко одржување, но тоа не значи дека можат да се третираат без внимание. Под предниот капак нема само „мотор“, туку цел систем на електроника, контакти и сензори. А кај струјата, влагата и силниот млаз ретко се добри пријатели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс