Со години било толерирано постоењето на дискотека во објект без соодветна пренамена, со нелегални градежни зафати и без ефикасна контрола. Низ „Пулс“ минувале гости, се вртеле лиценци, документи и инспекциски надлежности, но ниедна институција не обезбедила законот навистина да важи.
Цената на институционалното слепило беа 63 човечки животи.
Надлежностите биле поделени, но опасноста била цела
Пожарот не праша кој ја издава лиценцата, кој ја контролира пренамената, кој е надлежен за евакуацијата, а кој за пиротехниката.
Трагедијата не започна вечерта на пожарот. Таа била создавана со години непочитување на законите, процедурите и безбедносните стандарди.
Според градежното вештачење презентирано пред судот, зафатите од 2012 до 2024 година биле изведувани без проект, стручен надзор и инспекциски записници. Вештакот Горан Марковски посочи дека дополнително изградените шанкови, галерии и други бариери ја попречувале евакуацијата. Неговото сведочење го пренесе „Сакам да кажам“.
Реакциите сè повеќе личат на перење од одговорност
Здружението на градежни инспектори тврди дека вештачењето ги проширува нивните законски надлежности. Инспекторите бараат да се покаже кој налог, пријава или друг законски основ ја активирал нивната обврска да извршат надзор.
Тоа се легитимни прашања за судот. Но кога секоја професија го изолира само својот дел од надлежноста, реакциите почнуваат да личат на сегментирано перење од одговорност: едните не ја издавале лиценцата, другите не ја контролирале дејноста, третите немале налог, а четвртите не биле надлежни за пожарната безбедност.
Секое објаснување може да содржи дел од правната вистина. Сите заедно, сепак, го откриваат институционалниот пораз: секој бил надлежен само за нешто, а никој не го запрел опасниот објект.
Белчева: Ненормалното го плаќаме со изгубени животи
Во објава на Фејсбук, Јана Белчева граѓанска активистка и членка на Советот на општина Центар, оценува дека случајот ја покажува „тажната слика и прилика на државата“, во која луѓе со дипломи и одговорности ги заборавиле вистината, професионалноста, моралот и интегритетот.
Таа прашува дали институционалната немоќ пред поединци и селективното спроведување на законите претставуваат удар врз професионалната репутација.
„Нормализирањето на ненормалното го плаќаме со изгубени животи, младина која заминува и чувство на недоверба во сопствената земја и институции“, пишува Белчева.

Правдата не смее да запре кај виновникот кој е најдолу на ланецот на исхрана на ѕверките
Обвинителството тврди дека објектот бил пренаменет од лесна индустрија во кабаре без одобрение, дека биле изведени бесправни реконструкции и дека надлежните инспектори не повеле постапка по службена должност. Наводите од обвинението се пренесени во извештајот од почетокот на судењето.
Но обвинението не е пресуда. Обвинителството мора да докаже кој што знаел, кога го знаел, каква законска обврска имал и како неговиот пропуст придонел за трагедијата.
Правдата не значи колективно осудување професии. Таа значи индивидуална одговорност за секој за кого ќе се докаже дека располагал со сознанија, имал овластување да постапи, а не го сторил тоа.

Но правдата не смее ниту да запре кај најслабата алка. „Тоа не беше наша надлежност“ не може да стане колективно алиби на трулиот систем што со години му дозволувал на „Пулс“ да работи.
Опасноста била создавана, гледана и толерирана долго пред пожарот. Затоа одговорноста мора да ја опфати целата низа: од првиот прекршен пропис до последниот пропуштен надзор.