Словенија доби нова влада: Јанез Јанша повторно премиер, парламентот ја изгласа 16. влада

Словенечкиот парламент ја избра новата влада предводена од Јанез Јанша. Коалицијата предводена од СДС обезбеди 49 гласа, а распределени се сите министерски ресори.

Словенечкиот парламент денес ја изгласа новата, 16-та влада на Република Словенија, при што за премиер повторно беше избран лидерот на десничарската Словенечка демократска партија (СДС), Јанез Јанша. За изборот гласаа 49 пратеници, со поддршка од коалиционите партнери: Нова Словенија (НСи), Словенечка народна партија (СЛС), Фокус и Демократите, како и дел од пратениците од движењето Ресница, кои најавија надворешна поддршка за владата.

Новата влада на Јанша е составена од неколку коалициски партнери, при што СДС доби седум министерски места. Меѓу нив се министерствата за внатрешни работи, надворешни работи, образование, наука и млади, финансии, култура, животна средина и просторно планирање, како и за Словенците во соседството и во светот.

Демократите добија три министерства: министерството за економија, труд и спорт, министерството за здравство и министерството за правда. Останатите пет ресори се распределени меѓу Нова Словенија и Фокус, кои ќе раководат со инфраструктура и енергетика, земјоделство, одбрана, демографија и семејство, како и локална самоуправа, кохезија и регионален развој.

Во владата влегуваат следните функционери:

  • Франци Матоз – министер за внатрешни работи
  • Тоне Кајзер – министер за надворешни работи
  • Борут Рончевиќ – министер за образование, наука и млади
  • Полона Рифељ – министерка за животна средина и просторно планирање
  • Игнација Фридл Јарц – министерка за култура
  • Андреј Ширцелј – министер за финансии
  • Сузана Леп Шименко – министерка за Словенците во соседството и дијаспората
  • Анже Логар – министер за економија, труд и спорт
  • Тадеј Острц – министер за здравство
  • Михаел Зупанчич – министер за правда
  • Јернеј Вртовец – министер за инфраструктура и енергетика
  • Јанез Циглер Краљ – министер за земјоделство
  • Валентин Хајдинајк – министер за одбрана
  • Матеја Рибиќ – министерка за демографија, семејство и социјални прашања
  • Моника Кирбиш Ројс – министерка за локална самоуправа, кохезија и регионален развој

Во своето обраќање во парламентот, Јанез Јанша изјави дека новата влада ќе има „систематичен и стабилен“ мандат и дека очекува помалку политички конфликти, а повеќе фокус на економијата и развојот. Тој додаде дека јавната дебата не треба постојано да ја вовлекува владата во политички спорови, нагласувајќи дека целта е работа за благосостојба на државата.

Јанша е еден од најдолгогодишните политичари во Словенија. Роден е во 1958 година и ова му е четврти премиерски мандат, по претходните периоди од 2004–2008, 2012–2013 и 2020–2022 година. СДС освои 28 пратенички места на изборите, едно помалку од либералното движење Покрет Слобода, кое ја предводеше претходната влада.

Кампањата беше обележана и со афера поврзана со наводна шпионска активност, во која била вмешана приватна израелска разузнавачка компанија „Black Cube“, за која се тврди дека стои зад видеоматеријали поврзани со политички фигури и наводна корупција во претходната власт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс