Државните реклами се вратија, судскиот притисок скокна, заштитата за новинарите заглави

Европската комисија нотира нула напредок во слободата на изразување, тројно зголемување на граѓанските тужби и отсуство на заштита од дигитално насилство врз новинарките.

Македонија забележа нула напредок во поглавјето за слобода на изразување во најновиот Годишен извештај на Европската комисија. Брисел алармира за враќањето на државно финансираните кампањи во приватните медиуми, наглиот скок на тужбите за клевета против новинари и целосната правна несигурност во дигиталната сфера. Еснафските здруженија предупредуваат дека ваквите констатации ја потврдуваат ранливоста на медиумските работници и системското одложување на клучните реформи.

Европската комисија во делот за медиумското законодавство нотира дека враќањето на државно финансираните кампањи во приватните медиуми отвора директна опасност од политичко влијание врз уредувачката политика. Ваквата практика, според наодите на Брисел, создава финансиска зависност на медиумите од јавните пари, наместо да гради одржлив и слободен пазар.

Паралелно со тоа, државата сè уште нема решено како да го спречи заобиколувањето на регистарот на онлајн медиуми при платеното политичко рекламирање, со што останува широк простор за злоупотреби и нетранспарентно финансирање за време на избори. Земјата допрва треба да воспостави законски системски механизми за поддршка на медиумскиот плурализам и новинарството од јавен интерес, согласно со Европскиот акт за слобода на медиумите.

Особено сериозен показател за растечкиот притисок врз новинарите претставуваат судските постапки. Во текот на 2025 година се регистрирани дури 40 граѓански тужби за навреда и клевета против новинари, што претставува остар скок во споредба со 15 случаи евидентирани во 2024 година. Во извештајот е забележан и еден случај на стратешка тужба против јавното учество (СЛАПП), инструмент кој сè почесто се користи за финансиско исцрпување и замолчување на истражувачките редакции.

Македонија сè уште нема донесено посебно законодавство за заштита од СЛАПП-тужби со кое ќе се усогласи со европската директива, а свесноста за овој облик на институционален притисок останува исклучително ниска. Судската транспарентност во овие предмети е оценета како ограничена, со оглед на тоа што судовите даваат информации само по посебно барање и немаат систем за следење на предметите во кои се инволвирани медиумски работници.

Во извештајот се нотираат пет сериозни инциденти на кршење на новинарските права пријавени до Здружението на новинарите на Македонија, меѓу кои подметнување пожар врз имот на новинар, насилен упад во редакција и организирано онлајн вознемирување. Постојните законски механизми се оценети како недоволни за да се заштитат медиумските работници од напади, особено кога заканите доаѓаат од дигиталниот простор или од непознати сторители.

Жените новинарки се соочуваат со засилени онлајн напади, сексуално обележани навреди и дискриминаторски говор. Македонскиот Кривичен законик сè уште не содржи одредби за дигитално насилство и содржини генерирани со вештачка интелигенција, додека во исто време истрагите за напади врз новинари ретко резултираат со правна завршница и санкции.

Говорот на омраза и дезинформациите, особено на родова основа, остануваат главен товар за интернет просторот. Советот за етика во медиумите во Македонија во извештајниот период примил рекорден број од 244 претставки, главно за содржини објавени на интернет портали. Сепак, саморегулацијата се соочува со ризици за финансиска одржливост и ограничена ефикасност поради влијанието на бизнис центрите и политичките структури.


Состојбата во медиумскиот сектор ја урива и социјалната несигурност. Околу половина од новинарите и најголемиот дел од медиумските работници земаат плати под републичкиот просек, а неплатената прекувремена работа е широко распространета практика. Во приватните медиуми нема колективни договори, а новинарите често избегнуваат да пријават притисок од уредниците или сопствениците поради страв од губење на работните места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс