Популарен додаток во исхраната може да им наштети на бубрезите

Куркумата често се промовира поради нејзините противвоспалителни својства, но суплементите со висока концентрација може да го зголемат ризикот од бубрежни камења, а неквалитетните производи можат да содржат и олово.

Куркумата важи за еден од најпопуларните природни додатоци во исхраната, најчесто рекламиран поради потенцијалните противвоспалителни својства. Но, тоа што некој производ е од природно потекло не значи дека е безопасен. Експертите предупредуваат дека концентрираните суплементи со куркума можат да претставуваат ризик за здравјето на бубрезите, особено кај луѓето кои се склони кон создавање бубрежни камења или веќе имаат бубрежно заболување.

Според анализата објавена во „Итингвел“, проблемот е поврзан со високата содржина на оксалати во куркумата, но и со можната контаминација на одредени производи со тешки метали. Затоа, пред да се воведат вакви суплементи во секојдневната употреба, важно е да се знаат потенцијалните ризици.

Како куркумата може да влијае врз бубрезите?

Куркумата содржи оксалати – соединенија кои во урината можат да се врзат со калциумот и да формираат кристали на калциум-оксалат. Со текот на времето, овие кристали можат да прераснат во бубрежни камења, особено кај луѓето кои веќе имаат предиспозиција за нивно создавање.

Регистрираната диететичарка и експертка за исхрана кај бубрежни заболувања, Мелани Бец, посочува дека анализата од 2026 година утврдила дека суплементите со куркума можат да содржат до 50 милиграми оксалати во препорачаната доза. Кај еден препарат во комбинација со црн пипер биле измерени дури 93 милиграми по доза.

Ова не значи дека секој што консумира куркума ќе развие бубрежни камења. Сепак, внесувањето концентрирани количества може да биде проблематично кај луѓето со зголемен ризик, особено ако не внесуваат доволно калциум преку исхраната. Калциумот може да се врзе со оксалатите во дигестивниот систем и така да ја намали нивната апсорпција.

Ризикот не е само во оксалатите

Дополнителен проблем е квалитетот на суплементите. Не сите производи поминуваат независни проверки за чистота, па во нив може да се најдат и несакани или штетни материи.

Диететичарката и нутриционистка Џесика Кленси-Строун предупредува дека куркумата е меѓу зачините кај кои често се открива контаминација со олово. Овој тежок метал може постепено да ги оштетува бубрезите, особено нивните чувствителни структури задолжени за филтрирање на крвта.

Во едно истражување, 14 проценти од 356 примероци куркума од Јужна Азија содржеле мерливи количества олово, повисоки од два микрограма на грам. Изложеноста на олово претставува здравствен ризик и за општата популација, а особено за луѓето кои веќе имаат нарушена бубрежна функција.

Кај овие лица бубрезите потешко ги отстрануваат вишокот минерали и отпадните материи од организмот, па дополнителната изложеност на штетни супстанции може да доведе до компликации.

Како да се избере побезбеден суплемент?

За разлика од лековите, додатоците во исхраната во САД не мора однапред да добијат одобрение од Управата за храна и лекови (FDA) за безбедност и ефикасност. Дополнителен проблем е што декларациите на некои производи не ги прикажуваат доволно јасно количините и концентрациите на активните состојки.

Затоа, експертите советуваат да се избираат производи од производители кои транспарентно ги објавуваат податоците за составот и кои подлежат на независни проверки на квалитетот. Корисно е да се бараат ознаките „USP Verified“ или „NSF Certified“, како и QR-код или број на серија преку кој може да се проверат лабораториските резултати за присуство на тешки метали и концентрација на активните состојки.

Кога станува збор за куркумата, експертите советуваат суплементите да се земаат со оброк што содржи калциум, како грчки јогурт или чаша млеко. На тој начин калциумот може да се врзе со оксалатите во цревата и да ја намали нивната апсорпција. Сепак, ова не ја отстранува целосно опасноста од прекумерни дози или контаминирани производи.

Пред употреба на кој било нов суплемент, потребна е консултација со лекар, особено ако лицето има бубрежно заболување или редовно зема лекови. Важно е да се провери и можноста за интеракции со терапијата што веќе ја користи.

Четири навики што помагаат во зачувување на здравјето на бубрезите

Покрај внимателната употреба на суплементи, секојдневните навики имаат значајна улога во зачувувањето на бубрежната функција.


  • Внесувајте доволно течности. Дехидратацијата може да го зголеми ризикот од создавање бубрежни камења, а во тешки случаи и да доведе до трајно оштетување на бубрезите. Потребите се различни кај секој човек, но експертите наведуваат околу 2,4 литри течности дневно како почетна ориентација. Луѓето кои претходно имале бубрежни камења може да имаат потреба од поголем внес, но количината треба да се приспособи со совет од лекар.
  • Јадете повеќе храна од растително потекло. Овошјето, зеленчукот, мешунките, јаткастите плодови и семките содржат влакна, минерали и антиоксиданси. Исхраната во која преовладуваат растителните намирници се поврзува со помал ризик од бубрежни камења и со побавно напредување на одредени бубрежни заболувања. Се препорачуваат најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно.
  • Внимавајте на скриената сол. Прекумерниот внес на натриум може да го зголеми крвниот притисок, кој е еден од главните фактори за развој на бубрежни заболувања. Голем дел од солта што ја внесуваме се наоѓа во индустриски преработената храна и ресторанските оброци. Затоа, важно е да се читаат декларациите и да се следи вкупниот внес.
  • Бидете физички активни. Редовното движење помага во одржувањето на здрав крвен притисок и стабилно ниво на шеќер во крвта – два важни фактори за правилна работа на бубрезите. Физичката активност може да придонесе и за подобар сон и психолошка благосостојба.

Клучната порака на експертите е дека суплементите не треба автоматски да се сметаат за безопасни само затоа што содржат природни состојки. Кај куркумата, особено е важно да се прави разлика меѓу нејзината употреба како зачин во храната и внесувањето концентрирани дози преку додатоци во исхраната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс