Европската Унија подготвува нов закон со кој ќе се обиде да го ограничи дизајнот на дигиталните платформи што ги поттикнуваат корисниците да останат што подолго пред екраните. Новите правила би ги опфатиле не само социјалните мрежи, туку и четботовите со вештачка интелигенција, особено оние што создаваат привид на лична блискост за да ги охрабрат корисниците да продолжат со разговорот.
Според нацрт-законот за дигитална правичност (Digital Fairness Act), во кој увид имал „Блумберг“, технолошките компании ќе мора да им овозможат на корисниците, вклучително и на полнолетните лица, да ги исклучат функциите што поттикнуваат компулсивно или прекумерно користење на нивните услуги.
Предложените ограничувања би можеле да засегнат некои од најголемите технолошки компании во светот, меѓу кои „Мета“, „Алфабет“ и „Бајтденс“, сопственикот на Тик-ток. Нивните платформи во голема мера се потпираат на алгоритми и дизајнерски механизми што ја задржуваат вниманието на корисниците и го продолжуваат времето поминато во апликациите.
Посебно внимание во нацрт-законот се посветува на системите со вештачка интелигенција што симулираат лични односи. Станува збор за четботови кои преку персонализирана комуникација создаваат чувство на блискост, со цел корисникот да продолжи да разговара со нив. За компаниите што нема да ги почитуваат новите правила се предвидуваат казни до шест проценти од нивните вкупни годишни приходи на глобално ниво. Тоа би можело да претставува значителен финансиски притисок за технолошките гиганти, доколку законот биде усвоен во предложената форма.
Брисел веќе презема мерки против големите дигитални платформи поради сомневања дека користат дизајн што поттикнува зависничко однесување. „Мета“ и Тик-ток се под истрага за можно прекршување на правилата од Законот за дигитални услуги (DSA).
Со новата законска иницијатива, ЕУ се обидува да отвори и пошироко прашање: до каде може да оди технолошката индустрија во борбата за вниманието на корисниците и кој треба да ги постави границите кога дизајнот на дигиталните услуги почнува да влијае врз нивните навики и однесување.
