„Монопол“ на Славица Тошевска во КИЦ: Кога егзистенцијата станува уметност и отпор

Повеќе од две децении активизам, институционална иронија и колажи што го преиспитуваат општеството изложени во КИЦ Скопје.

Уметницата Славица Тошевска – Саша ја отвора својата самостојна активистичка изложба насловена „Монопол“ во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Поставката обединува дела создавани низ повеќе од дваесет години работа, перформанси и улични интервенции. Низ колаж, редимејд и скулптура, авторката ги документира општествените кризи, нефункционалноста на институциите и позицијата на поединецот во систем чии правила ги диктираат други.

Тошевска го гради концептот околу историската и општествената иронија на друштвената игра „Монопол“. Таа потсетува на нејзината претходничка, играта на Елизабет Меги од почетокот на 20 век, создадена како критика на концентрацијата на капитал и сопственост, која подоцна стана симбол токму на системот што го критикуваше.

Првиот свој колаж на оваа тема Тошевска го изработила пред повеќе од петнаесет години. Новата поставка опфаќа дела изведени на медијапан и платно, меѓу кои се „Poverty“, „Monogame“, „Idiocracy“, „Moneyfesto“, мермерната скулптура „Dice“ и редимејд објекти. За авторката, колажот функционира како простор за соочување со реалноста, каде што секојдневните општествени апсурди се судираат и разобличуваат без разубавување.

Зад реализацијата на проектот стои долгогодишна институционална борба. Тошевска посочува дека проектот првично бил поднесуван до Министерството за култура уште пред пет години, без да добие одговор. За одобрениот простор во КИЦ дознала неофицијално, преку социјалните мрежи, а изложбата ја реализира речиси целосно со сопствени сили.

За печатење на каталогот институциите доделиле 24.000 денари, додека вкупните трошоци за продукција на проектот надминуваат 5.000 евра. Како онколошки пациент во егзистенцијална и здравствена ремисија, уметницата директно ги пренесува сопствените искуства со системските недостатоци во своите интервенции, користејќи иронија и црн хумор како одговор на колективната апатија.

Биографијата на Тошевска бележи над двесте перформанси и просторни акции низ европски и светски центри, меѓу кои настапи во Венеција, Лондон, Рим и Кејптаун, како и учество во независниот уметнички колектив „Кооперација“ во Скопје.

Изложбата функционира како визуелна хронологија на трауми, корупција и отпор. За авторката, просторот на Балканот претставува табла на која граѓанинот најчесто завршува како пион, додека преживувањето во такви околности прераснува во посебен вид уметнички чин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс