Слаткаристика со емотивна објава на социјалните мрежи ѝ даде поддршка на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, порачувајќи дека за него тоа не е само фудбал, туку љубов кон народ од кој, како што пишува, низ животот добивал „топли зборови, искрени насмевки и спомени што не се забораваат“.
Во објавата, раперот потсетува дека е роден во 1986 година во Скопје, во тогашна СФРЈ, и дека неговото детство било исполнето со имиња, пријателства и маалски приказни што ја носат старата југословенска блискост. Пишува дека први соседи му биле Јасмин и Мујо, дека играл фудбал со Сеад, крадел кајсии со Мирсад, а неговиот пријател Елвир му помагал да го коригира текстот.
Слаткаристика се осврна и на музичкото влијание од босанската сцена, спомнувајќи ги Едо Мајка, Буба Корели, Дубиоза Колектив и Дино Мерлин. Како што наведува, преку нив учел дека музиката нема граници, а емоцијата во песната може да трае засекогаш.
„Јас и Един Џеко сме родени во иста држава, иста година. Па нормално, болан, дека ќе навивам за Босна и Херцеговина“, напиша Слаткаристика.
На крајот од објавата, тој испрати јасна порака: „Напред Босно! Македонија е со вас! Веќе направивте цела Југа да се чувствува гордо“.
Во време кога спортот често знае да подели, оваа објава игра на друга карта: маало, музика, фудбал и една стара блискост што очигледно сè уште знае да излезе на површина кога ќе затреба навивање од срце.