Долгометражното режисерско деби на Андреј Волкашин ќе ја има својата светска премиера во натпреварувачката програма First Feature Competition на 30. издание на Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF).
Фестивалот се одржува од 6 до 22 ноември, а филмот ќе има три проекции.„Сладоста на горчливите нешта“ е македонска мнозинска копродукција, со македонски удел од 64 проценти, поддржана од Агенцијата за филм со 19 милиони денари на конкурсот во 2020 година. Филмот е во продукција на Веда Филм, со продуцентката Елена Станишева, во копродукција со Screening Emotions од Бугарија и Studio Corvus од Хрватска, со поддршка и од Еуримаж.
На прес-конференцијата одржана на 9 октомври, екипата зборуваше за авторскиот пристап, актерските предизвици и меѓународната соработка.Режисерот и сценарист Андреј Волкашин ја истакна природата како активен дел од филмскиот израз, преку кој се открива внатрешната борба на ликовите.
Зорица Нушева ја опиша улогата на Дора како патување на болка и надеж, а Лео Долорес Поповиќ зборуваше за соочувањето со себе и со потиснатите страни на човечката природа. Продуцентката Елена Станишева ја нагласи вербата на меѓународниот тим во локално искрена приказна со универзална тема – љубовта.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, се осврна на институционалната поддршка за проектот и на активностите за оспособување на киносалите низ државата, со цел македонските филмови да стигнат до публиката во што повеќе градови.
Филмот ја следи Дора, чиј живот посветен на семејството се менува кога грижата за една ранета и непозната жена ја соочува со љубовта што долго ја потиснувала. Во актерската екипа се и Јана Никодиновска, Ана Костовска и Гораст Цветковски.
Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценограф Бојана Бучварова, арт-директор Влатко Чачоровски, кастинг-директор Киријана А. Николоска, монтажер Невелин Вулчев, костимограф Илина Чолак, а за шминката и фризурата е задолжена Симона Ристеска. Дизајнот на звук е на Марко Наумовски, а музиката на Ален и Ненад Синкауз.