Пред петнаесет години, живите учесници во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија им се обратија на денешните и идните генерации. Нивната порака беше истовремено сведоштво за создавањето на државата, предупредување за односот кон историското наследство и повик за нови битки — за демократија, развој и заеднички живот.
Генерациската порака е усвоена на Средбата на генерациите, одржана на 9 октомври 2011 година во Скопје, по повод 70-годишнината од почетокот на востанието на 11 октомври 1941 година.
Во неа борците се спротивставуваат на омаловажувањето на антифашистичката борба и на претставувањето на целиот период од АСНОМ до осамостојувањето како ново ропство. Истовремено, прифаќаат дека минатото треба да биде предмет на критички поглед и дека постојат слабости, грешки и постапки што заслужуваат осуда.
По повод 11 Октомври, Трн повторно ја објавува пораката како историски документ и повод за размислување: што наследивме од генерацијата што се бореше за слобода и што ќе им оставиме на генерациите по нас?
Во продолжение е текстот на пораката од 2011 година. Временските одредници и политичкиот контекст се задржани како дел од оригиналниот документ.
Генерациска порака на борците
Од наше име и од нашиот пиетет кон заветот на борците што ги положија своите животи на олтарот на татковината или починаа и длабоко почитувајќи го нивното и наше заедничко дело со кое се извојува слободата и се создаде државата Република Македонија, на денешните и идните генерации им порачуваме:
1. Да се знае и памети
Во таа пресудна и решавачка 1941 година, кога македонскиот народ се најде под суровата фашистичка окупација, кога се закануваше целосно негово разнебитување и денационализирање, неговите најпрогресивни сили ја имаа таа решителност и храброст да се определат на вистинската страна – светската Антифашистичка коалиција во жестоката војна против мрачниот фашизам и безочниот окупатор. Истовремено, имавме доблест и визионерство, прифаќајќи го аманетот од претходните генерации за нов и победоносен Илинден, да ја претвориме таа борба во Народноослободителна и државотворна, и тоа за македонскиот народ и за сите народи што со него ја делеа заедничката судбина. Со таквата платформа во самиот почеток се обезбеди цврсто национално единство како основен услов за победата и оневозможи формирање на какви било порелевантни политички и воени колаборационалистички сили што би го скршнале патот на нашата вооружена борба кон некои други немакедонски определби и цели.
Сиот македонски народ и припадниците на другите етнички заедници таа наша борба ја прифатија како своја борба, за национално и социјално ослободување и создавање своја држава. Народот стана народноослободителна војска, стоилјадна, која со сопствени сили, со многубројни жртви и невиден хероизам, ја ослободи нашата татковина. И во тие, тогашни лимитирачки воени и политички околности, ја создадовме првата слободна македонска држава, во рамките на Демократска Федеративна Југославија.
Токму затоа што таа НОАВМ 1941–1945 е единствената победоносна етапа на вековната борба на македонскиот народ за национална слобода и државност и што асномска Македонија е најцврстиот темелник на денешна самостојна и суверена Република Македонија, обврска и траен долг е на сите генерации да имаат достоинствен и пиететен сенароден приод кон историските вредности, придобивки и актуелни искуства и пораки на таа државотворна војна. Тоа е обврска и долг на генерациите на сите граѓани, без разлика на националната и верската припадност и посебно на сите одговорни носители на државната власт во Република Македонија, без оглед на нивната идеолошка и партиска определеност.

2. Да се запре ревизијата на НОАВМ
Ние, борците, не прифаќаме: зошто во овие две децении на суверена и самостојна Република Македонија, упорно и систематски, не само од поединци туку и од релевантни политички партии и учесници во власта, се омаловажуваат, искривуваат и негираат историските резултати, настани, личности, вредности и придобивки на таа борба и се сквернават нивните спомен-обележја. Притоа, историската вистина е фрлена под нозе и се гази и пред очите на тие што ја избориле, а кои денеска се омаломоштени и од годините и од насилното атакување врз нивната организација – Сојузот на борците.
Точно е дека Комунистичката партија на Македонија, во рамките на Комунистичката партија на Југославија, предводена од Јосип Броз-Тито, која прва го прифати постоењето на македонскиот идентитет во Југославија и во својата програма ја внесе борбата за национална слобода и рамноправност на југословенските народи, вклучувајќи го и македонскиот народ, го подготвуваше, го организираше и го предводеше вооруженото востание на Македонија, затоа што таа беше единствената политичка сила која остана со народот. Другите наведнаа глава, станаа слуги на окупаторот или се сетија за македонската слобода и државност, откако тие беа изборени. Но, историски факт е дека таа борба стана Народноослободителна, тогаш кога народот ја прифати и ја направи своја борба – за национална слобода и своја држава. Така се пееше и се гинеше од самиот почеток. Таа борба беше и заедничка со антифашистичката коалиција и со другите поробени народи на Југославија, во кои најдовме вистински сојузници што го признаваат нашиот национален идентитет и правото на самоопределување и затоа ја прифативме реалната шанса за опстанок на македонската држава, како рамноправен државоправен субјект во заедничката федеративна држава.
Без таа борба ќе го немавме АСНОМ, без АВНОЈ ќе ја немавме Федерална Македонија, а без таа борба и без таа изборена и реализирана државност, ќе ја немавме и денешна самостојна и суверена Република Македонија.
Без оглед на различните состојби и поделената одговорност во нив (на нашата борба и онаа на власта што функционираше во создадената држава) ги прифаќаме принципиелните критики и осуди за одделни слабости, грешки и заблуди, што настанале од исклучивоста на одделни идеолошки позиции, па и остри мерки врз одделни дејци на македонското национално ослободително движење, заради поинакви политички погледи за позицијата на македонската држава и систем. Но, исто така укажуваме дека треба да се знае оти во тие први повоени години имаше и организирани активности на политички сили во земјата и надвор од неа насочени кон младата македонска држава. Потоа дојде Информбирото и судирот со Источниот блок на чело со СССР кога беше загрозен самостојниот опстанок на целата земја, во тие рамки и на Македонија. Кога минаа тие опасности, се напуштија ригидните мерки, се направија рехабилитации па и се воведе изедначување на правата на т.н. прогонувани за самостојноста на Македонија.
Но, затоа сметаме дека не смее целиот период од Првото заседание на АСНОМ до осамостојувањето да се прогласи за „ново ропство на македонскиот народ под комунистичкиот режим“ и тој да се смести во посебен Музеј на жртвите на комунизмот! Затоа што и покрај идеолошките наметки на системот и пренесениот дел на суверенитетот врз органите на заедничката федерација, Македонија и македонскиот народ и сите етнички заедници во тој период ја остварија својата суштинска национална и општествена преродба со осведочени високи и трајни вредности.

3. Нов полет во новите битки
Убава симболика има годинашново совпаѓање на двата крупни и историски јубилеи – 70-годишнината од почетокот на НОАВМ и дваесетгодишнината од референдумското определување на граѓаните за самостојна и суверена Република Македонија. Искуството нè учи дека оживотворувањето на високите цели по изборената слобода и конституирана држава, се тешки, сложени и долготрајни. Ако претходните генерации се соочија со последиците на вековните ропства и разурнувањата од војните но и со неискуство во градењето на прва своја држава, со стегите на еден идеолошки систем и поделениот државен суверенитет, денешните генерации се соочуваат со тешкотиите на долгата транзиција, закочениот економски развој и неопходните општествени реформи, со замките на опасностите од целосна партизација на општеството, со стари и нови идеолошки и етнички поделености и со наметнат спор за името на државата.
Но, длабоко сме уверени и сметаме дека денес Македонија има материјални и човечки ресурси, интелектуален потенцијал и напластена вековна мудрост за да ги разреши натрупаните проблеми, да ги дефинира приоритетите на националните и државните интереси во правец на натамошен развој на Република Македонија, како демократска, просперитетна, стабилна и мултиетничка интегративна и функционална Европска држава. Тоа се фронтовите на битките на денешните и утрешните генерации!
Верувајќи во силите, способноста, знаењето, храброста и во самопрегорот на новите млади генерации, ние учесниците во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија ја истакнуваме актуелната потреба за поврзаност на темелните вредности и придобивки на таа борба: ослободителниот карактер на човековата творечка енергија, богатството на мултиетничкиот соживот и современата актуелност на денешниот антифашизам во функција на трајна брана против силите на мракобесието, тоталитаризмот, сејачите на омраза и ретроградниот национализам, со актуелните стратегии на денешниот развој на Република Македонија.
Долг е на денешните и утрешните генерации да ја зачуваат тешко спечалената со многу крв, саможртви, труд и самопрегор, слободата и државата Македонија, да имаат критичен поглед кон минатото, ама и да се гордеат со него и со достигнатото.