Непрекинатото скролање на екранот сериозно влијае на менталното здравје, предупредуваат стручњаци

Истражување открива како проблематичната употреба на интернет и непрекинатото скролање влијаат на менталното здравје и кои се трите главни ризик-фактори.

Зголемената употреба на интернет и паметни телефони сè почесто се поврзува со проблеми во менталното здравје, предупредуваат научници. Т.н. проблематична употреба на интернет (PUI) се дефинира како состојба во која корисниците ја губат контролата врз времето и начинот на користење на интернетот.

Истражување на Универзитетот Дисбург–Есен, во кое учествувале 819 лица со просечна возраст од 27 години, покажува дека постојат три клучни фактори што ја поттикнуваат оваа состојба. Првиот е користењето на интернетот како начин за подобрување на расположението и бегство од стрес, што со тек на време станува главен механизам за справување со емоциите. Вториот фактор е силната внатрешна принуда и чувство дека „мора“ постојано да се биде онлајн, што има карактеристики на компулсивно однесување. Третиот е губење на контролата, односно состојба во која личноста чувствува дека не може да престане со користење, и покрај негативните последици.

Истражувачите предупредуваат дека околу 7% од населението веќе покажува знаци на ваков вид проблематично однесување и дека, доколку не се реагира навреме, тоа може да прерасне во сериозно психичко нарушување. Тие нагласуваат дека не станува збор за одделни причини, туку за нивно меѓусебно преплетување што го зајакнува проблемот.

Психологот д-р Крег Сок од клиниката Мајо препорачува практични чекори за контрола на навиката, како редовно проверување на сопственото расположение за време на користење на телефонот, поставување јасни временски ограничувања за скролање и заменување на времето поминато онлајн со активности како дружење, физичка активност и одмор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс