Синдикатот на културата на Република Македонија соопшти дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот, оценувајќи дека се исцрпени сите можности за мирно решавање на спорот околу Колективниот договор за култура.
Од СКРМ велат дека на ваков чекор се одлучиле по повеќе од една година без, како што наведуваат, суштински дијалог со Министерството за култура и туризам.
Паралелно, пред Уставниот суд се води постапка поврзана со Колективниот договор за култура.
Синдикатот тврди дека правата од Колективниот договор не се почитуваат
Во соопштението, СКРМ наведува дека поради, според нив, непочитување на правата утврдени со Колективниот договор, биле поднесени околу 800 тужби против институциите.
Од синдикатот посочуваат дека по консултации со претставници на Меѓународната организација на трудот добиле препорака претставката да ја поднесат до Комитетот за слобода на здружување.
Воедно, СКРМ побарал и медијација во спорот.
Синдикатот тврди дека неофицијално биле изразени сериозни забелешки за односот кон колективното договарање и предупредува дека евентуалното укинување на Колективниот договор може негативно да се одрази врз меѓународниот углед на државата.
Разговорите продолжиле по интервенција на премиерот
СКРМ наведува дека по интервенција на премиерот Христијан Мицкоски биле обновени разговорите меѓу Министерството за култура и туризам, СКРМ и СОНК.
Сепак, синдикатот оценува дека досегашниот тек на преговорите не донел заемно прифатливо решение.
Од СКРМ нагласуваат дека остануваат подготвени за разговори, но дека нема да прифатат ултиматуми.
„СКРМ ќе продолжи да се залага за заштита на работничките права, достоинството на вработените во културата и почитување на колективното договарање“, наведуваат од синдикатот.
Министерството вели дека одлуката на Уставниот суд е „црвена линија“
Во врска со преговорите, министерот за култура и туризам Зоран Љутков претходно изјави дека Министерството останува отворено за разговори.
Сепак, тој нагласи дека решението на Уставниот суд претставува „црвена линија“ која мора да се почитува во понатамошниот процес на усогласување.
Уставниот суд сè уште нема конечна одлука
Уставниот суд во мај годинава поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, постапувајќи по иницијатива поднесена од граѓанин.
Со решението за поведување постапка Судот не донесе конечна одлука за укинување на договорот, туку отвори постапка во која ќе ја оценува неговата усогласеност со Уставот и законите.
Конечната одлука на Уставниот суд сè уште не е донесена.