Скриена зад машки псевдоним: 208 години од раѓањето на Емили Бронте, авторката на „Оркански височини“

Емили Бронте објавила само еден роман во животот, под машко име, и починала само една година подоцна. Денес „Оркански височини“ се смета за едно од најзначајните дела во историјата на англиската книжевност.

На 30 јули 1818 година, во градчето Торнтон, Јоркшир, е родена Емили Џејн Бронте, англиска писателка и поетеса, авторка на единствениот роман што некогаш го напишала, „Оркански височини“. Делото, објавено во 1847 година под машкиот псевдоним Елис Бел, при своето излегување било пречекано со остри и поделени критики поради насилството и мрачната страст во приказната. Денес, 208 години по нејзиното раѓање, романот се смета за еден од столбовите на англиската книжевност, а неговото влијание продолжува преку бројни филмски и театарски адаптации, вклучувајќи ја и најновата филмска верзија од 2025 година.

Детство обележано со загуба

Емили била петтото од шест деца во семејството на свештеникот Патрик Бронте и неговата сопруга Марија Бранвел. Кога имала само три години, семејството се преселило во селото Хауорт, во близина на јоркширските мочуришта, каде што нејзиниот татко служел како свештеник до крајот на својот живот. Само неколку месеци по преселбата, мајка ѝ починала од рак, а неколку години подоцна, двете најстари сестри на Емили, Марија и Елизабет починале од туберкулоза, откако се разболеле во строгото училиште за ќерки на свештеници во Кауан Бриџ.

Загубите го обликувале тесниот, затворен свет на преостанатите деца Емили, нејзините сестри Шарлот и Ен и братот Бранвел, кои во домашната библиотека на својот татко нашле засолниште во читањето и пишувањето. Заедно создале сложени измислени светови Емили и Ен ја измислиле земјата Гондал, за која со години пишувале приказни и поезија, од кои денес преживеале само фрагменти.

Затворена личност со необичен внатрешен живот

Оние што ја познавале Емили ја опишувале како необична, срамежлива и повлечена личност, со малку пријатели надвор од сопственото семејство. Претпочитала друштво на животните пред луѓето и ретко патувала, секогаш копнеејќи по слободата на мочуриштата околу Хауорт. Кратко работела како учителка во училиштето Ло Хил, а подоцна и во пансион во Брисел, но и во двата случаи брзо се вратила дома. До крајот на животот, домот во Хауорт останал нејзино единствено вистинско засолниште.

Поезија продадена во само две копии

Во 1845 година, нејзината сестра Шарлот случајно открила приватна тетратка со поезија на Емили и ја убедила да ја објават заедно со стихови на Ен. Во 1846 година, трите сестри самостојно ја финансирале збирката „Песни од Керер, Елис и Актон Бел“, користејќи машки псевдоними за да ги избегнат предрасудите кон женските автори во тогашниот книжевен свет. И покрај генерално позитивните критики, збирката продала само две копии. Овој комерцијален неуспех, сепак, не ги обесхрабрил сестрите, секоја од нив набргу почнала да работи на свој роман.

Единствениот роман и остриот прием

Емили почнала да го пишува „Оркански височини“ во 1845 година, на 27-годишна возраст, а по неговото завршување поминала повеќе од една година барајќи издавач. Романот конечно бил објавен во декември 1847 година, повторно под псевдонимот Елис Бел. Приемот бил далеку од воодушевувачки, критичарите остро го осудувале делото поради бруталноста, интензитетот на насилството меѓу ликовите и реалистичното прикажување на менталната и физичката суровост во нивните односи. Дури подоцна било препознаено вистинското поетско и наративно мајсторство зад приказната за опсесивната и разорна врска меѓу Хитклиф и Кетрин Ерншо.

Смрт само една година по објавувањето

Емили никогаш не се омажила, а нема доверливи докази дека некогаш имала романтична врска. Подоцнежните обиди нејзиниот приватен живот да се поврзе со страсните ликови од романот остануваат шпекулации, без историска основа. Здравјето ѝ нагло се влошило по смртта на братот Бранвел во септември 1848 година. Одбивала медицинска помош до последните денови од животот, а починала од туберкулоза на 19 декември 1848 година, на само 30-годишна возраст, само една година откако конечно го видела својот единствен роман објавен.

Македонски пат до мочуриштата на Јоркшир

„Оркански височини“ одамна има свое место и кај македонската читателска публика, преведен на македонски јазик под истиот наслов, во издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“. Интересот за делото останува жив. Во март 2026 година, Книжевниот клуб „Утопија“ во Битола организираше вечер што ги поврза литературата и филмот, со проекција на најновата филмска адаптација на романот од 2025 гgдина, во режија на Емералд Фенел, проследена со дискусија во Центарот за култура во градот.

Скоро еден век на филмски адаптации

„Оркански височини” инспирирало филмски адаптации во речиси секоја деценија откако е објавен романот. Првата и до денес најпочитувана верзија е онаа од 1939 година, во режија на Вилијам Вајлер, со Лоренс Оливие и Мерл Оберон во главните улоги, филм номиниран за осум Оскари, вклучувајќи Најдобар филм, кој и денес држи импресивни 96% позитивни критики.

Следеле верзијата од 1970 година со Тимоти Далтон, позната по мрачната атмосфера, потоа адаптацијата од 1992 година со Рејф Фајнс и Жилиет Бинош, првата што целосно ги опфатила и двете генерации ликови од романот, телевизиската минисерија на ИТВ од 2009 година со Том Харди во улогата на Хитклиф, и верзијата од 2011 година во режија на Андреа Арнолд, која внела поголема расна и возрасна автентичност во ликовите.

Најновата адаптација, во режија на Емералд Фенел, со Марго Роби и Џејкоб Елорди во главните улоги, влезе во кината во февруари 2026 година, временски усогласена со Св. Валентин, и предизвика поделени реакции, книжевните пуристи ја критикуваа заради значителни отстапувања од оригиналниот текст и нагласената сензуалност, но публиката масовно ѝ упати доверба, а филмот отвори со над 80 милиони долари во глобалниот отворен викенд, покажувајќи дека приказната за Хитклиф и Кетрин, речиси два века по објавувањето, сè уште има силна комерцијална и културна привлечност.

Наследство поголемо од еден живот

Иако животот на Емили Бронте траел само триесет години, а нејзиниот единствен роман бил во книжарниците само неколку месеци пред нејзината смрт, „Оркански височини“ денес се смета за едно од најоригиналните и најпровокативните дела на англиската книжевност од XIX век. Приказната за Хитклиф и Кетрин, нивната опсесивна врска и јоркширските мочуришта продолжува да инспирира нови генерации читатели и режисери, 208 години по раѓањето на жената која ја напишала, скриена зад машко име.

е-Трн да боцка во твојот инбокс