Министерството за внатрешни работи информира дека во последното деноноќие на граничниот премин „Богородица“ кон Грција поминале околу 14.000 патници.
„До 10 часот утринава се регистрирани околу 3.000 македонски државјани кои оствариле излез од овој граничен премин, а останатите 11. 000 се државјани на други земји“ велат од МВР.
Застој на граничните премини на југоисточниот дел од државата, кон соседна Грција не е забележан од македонска страна, а од МВР велат дека од нивна страна се преземаат мерки со ставање на функција на сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, со спроведување на задолжителните гранични проверки.
Корисници на социјални мрежи пријавуваат различни искуства – од брзо поминување на границата до чекање од околу еден час, при што најголеми задржувања има кај автобусите.
Најголем застој има кај автобусите, кои ова утро можеа да се забележат во голем број на граничниот премин „Богородица”. Зголемениот сообраќај за излез од земјава низ граничните премини кон Грција е очекуван поради празничниот продолжен викенд. Подолг застој на границите се забележува и во останатите викенди, поради примената на ЕЕС регулативата која стартуваше на 10 април.