1.696 пожари за три месеци: Македонија гори, а опасноста не поминува со летото

Иако бројот на пожари останува висок и во септември, изгорената површина годинава е далеку помала отколку во 2024, најлошата година досега

Од 1 јуни до 31 август 2026 година, на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 1.696 пожари на отворен простор, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али. Од нив, 69 биле шумски пожари, додека во 1.627 случаи гореле сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и депонии. Опасноста, предупредуваат надлежните, не се намалува ниту со почетокот на учебната година.

Опасноста не запира со крајот на летото

ЦУК континуирано ја следел состојбата и ја координирал работата на надлежните институции и расположливите ресурси, со цел спречување на ширењето на пожарите, наведе Али. Тој апелираше до граѓаните да не палат оган на отворен простор, да не фрлаат отпушоци и запалив отпад во природата и веднаш да пријават чад или пожар на бројот 112.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, предупреди дека опасноста останува исклучително висока и покрај тоа што учебната година веќе започна. Само претходниот ден биле регистрирани 26 пожари на отворен простор.

Ангелов посочи дека активен е голем пожар во општина Струга, кај селата Локов и Буринец, каде што гори нискостеблеста шума, грмушки и трње, со ризик огнот да зафати и квалитетна шума. На терен се екипи на ЈП „Национални шуми“, а се разгледува и можноста за интервенција со хеликоптер, иако високите дневни температури ја ограничуваат неговата употреба.

Помалку хектари отколку во рекордната 2024 година

Бројот на пожари годинава е висок, но досегашните податоци покажуваат дека 2026 година не ја достигнува 2024 година по обемот на изгорената површина. Во 2024 година биле опожарени повеќе од 95.000 хектари, односно 3,6 отсто од територијата на земјава, што ја прави најтешката година според овој показател.

Според проценките на ЈП „Национални шуми“, во 2025 година биле опожарени околу 61.000 хектари – помалку од рекордот во 2024 година, но сепак значително над просекот.Институциите, пак, оценуваат дека 2022 година останува најпогубна не според вкупната изгорена површина, туку поради уништувањето на квалитетни шумски комплекси. Заедничко за сите овие години е тоа што повеќе од 90 отсто од пожарите се предизвикани од човечки фактор.

Европа со втора најлоша пожарна сезона по 2025 година

Проблемот не е ограничен само на Македонија. Според официјалните податоци на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, до 26 август 2026 година пожарите во Европа зафатиле вкупно 634.022 хектари.

Тоа е под нивото регистрирано на истиот датум минатата година, кога 2025 година беше најлошата забележана година со 993.292 изгорени хектари, но е значително над просекот за последните 20 години, кој изнесува 313.246 хектари. Шпанија е најпогодената земја членка на ЕУ, со речиси 38 отсто од вкупната изгорена површина во Унијата, додека Франција годинава постави нов национален рекорд по опожарена површина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс