Пожари беснеат низ регионот: Активни огнови кај Подгорица, Требиње и Бања Лука, Штип сè уште не е целосно изгаснат

Пожари се активни во Црна Гора и Република Српска, додека во Македонија огнот кај Штип е под контрола, но ризикот од повторно разгорување останува висок.

Пожари и натаму се активни на повеќе локации во регионот. Во Црна Гора огнови има во близина на Подгорица, Никшиќ, Шавник, Колашин и Цетиње, додека во Република Српска пожарникарите се борат со огнената стихија во близина на Требиње и Бања Лука. Во Македонија пожарот во близина на Штип е ставен под контрола, но сè уште не е целосно изгаснат, соопштија локалните власти.

Црна Гора со голема воздушна поддршка

Црногорското Министерство за внатрешни работи соопшти дека пожарите во Пониквице, во областа Даниловград, и на Пивска Планина, во близина на селото Барни До во општина Плужине, се ставени под контрола. Во текот на вчерашниот ден, два авиона на МВР од типот „Ер трактор“ AT-802 извршиле 22 лета, при што врз пожарните подрачја во регионите Плужине и Бијело Поље биле исфрлени вкупно 66 тони вода.

Авионот „Антонов AN-32P“ извршил уште осум лета и исфрлил 40 тони вода врз пожарните подрачја во регионите Шавник и Бијело Поље. Во гаснењето учествувал и хеликоптер на Војската на Црна Гора. Тој извршил лет во траење од два часа и 40 минути, а во девет наврати над пожарното подрачје во општина Плужине биле исфрлени дополнителни девет тони вода.

Пожари и кај Требиње и Бања Лука

Во Република Српска активен е пожар во селото Грабовица, во близина на Требиње, каде што е ангажиран и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи на Република Српска за воздушна поддршка. Пожар избувнал и во бањалучката населба Врбања. Огнот, кој бил со висок интензитет, избувнал во текот на вечерните часови, а пожарникарите се соочуваат со исклучително непристапен терен.

На терен се четири противпожарни возила и осум пожарникари. Засега нема опасност пожарот да зафати објекти.

Во Македонија 22 пожари, дел сè уште активни

Во Северна Македонија, од вкупно 22 регистрирани пожари, 12 се изгаснати, а пет се ставени под контрола. Кај Штип, меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, гори ниска вегетација. Пожари има и на територијата на општина Струга, во реонот на селата Пискупштина, Луково и Буринец.

Во општина Сарај зафатени се ниска шума и ниска вегетација во реонот на Копаница и Радуша, додека ниска вегетација гори и во Долни Арнаки. Пожар е регистриран и во селото Гошинце, општина Липково, каде што гори ниска шума.

Пожарот во реонот на селото Селце кај Штип е под контрола, но сè уште не е целосно изгаснат. Силниот ветер и сувата вегетација создаваат услови за повторно разгорување, поради што екипите остануваат на терен.

За три месеци регистрирани 1.696 пожари

Опасноста од пожари останува висока и по завршувањето на летната сезона. Според податоците што ги изнесе директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, во периодот од 1 јуни до 31 август 2026 година во Северна Македонија биле регистрирани 1.696 пожари на отворено.

Од нив, 69 биле шумски пожари, додека во преостанатите 1.627 случаи гореле сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и депонии. Надлежните служби предупредуваат дека, и покрај тоа што календарски заврши летната сезона, сувата вегетација и временските услови и понатаму создаваат висок ризик од нови пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс