Заканата од морбили расте, а пфатот со МРП-вакцина во Македонија е само 62 отсто, наместо потребните 95

Опфатот со сите редовни вакцини е под препорачаните 95 отсто, а Европа во 2024 година имаше рекорден број случаи на морбили

Здравствените власти предупредуваат на зголемен ризик од мали сипаници во земјава поради нискиот опфат со МРП-вакцината, кој изнесува само 62 отсто, наместо препорачаните најмалку 95 отсто потребни за колективен имунитет. Предупредувањето доаѓа во период кога бројот на случаи на морбили во Европа повторно е во пораст, а во 2024 година е регистриран највисокиот број заболени во последните 25 години.

Намален број нови случаи на западнонилска треска

Во текот на неделава на Клиниката за инфективни болести биле примени пет нови пациенти со западнонилска треска, соопшти директорот на клиниката, Фадил Цана. Тројца пациенти се екстубирани и нивната состојба се подобрува, додека двајца и натаму се на респираторна поддршка. Станува збор за повозрасни мажи со дополнителни заболувања.

Според Министерството за здравство, од вкупно 55 регистрирани случаи, 52 пациенти биле или сè уште се на болничко лекување. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека најголем број заболени во моментов се регистрирани во Скопје Север, за разлика од почетокот на епидемијата, кога повеќето случаи биле во јужниот дел на градот, во подрачјето на Скопско Поле. Клековски соопшти и дека уште еден угинат гавран, пронајден во скопската општина Карпош, бил позитивен на вирусот. Тој апелираше граѓаните да пријавуваат угинати гаврани.

Од западнонилска треска досега починале шест мажи, а смртноста изнесува 11,5 отсто, наведе Клековски. Лекувањето трае околу две недели, а најголем број хоспитализирани пациенти имало во средината на август. Првиот болнички случај годинава бил регистриран во мај.

Опфатот со МРП-вакцината далеку под прагот за колективен имунитет

Здравствените власти предупредуваат дека, паралелно со намалувањето на бројот на пациенти со западнонилска треска, расте ризикот од зголемен број случаи на мали сипаници, особено поради нискиот опфат со вакцинацијата. Зголемениот број случаи на морбили во Косово и Бугарија го зголемува ризикот и за земјава, каде што опфатот со МРП-вакцината изнесува само 62 отсто, наспроти потребните најмалку 95 отсто за обезбедување колективен имунитет.

Клековски упати апел до родителите навреме да ги вакцинираат своите деца. Првата доза МРП-вакцина, која штити од мали сипаници, заушки и рубеола, според вакциналниот календар треба да ја примат децата на возраст од 12 месеци. Опфатот со ревакцинацијата изнесува 85 отсто, што исто така е под потребниот праг.

Нискиот опфат е забележлив и кај другите вакцини од редовниот календар: 77 отсто кај вакцината против хепатитис Б, 78 отсто кај вакцината против хемофилус инфлуенца тип Б, по 79 отсто кај вакцините против дифтерија, тетанус и пертусис, како и против полиомиелитис. Кај ХПВ-вакцината опфатот е 51 отсто, кај ротавирусната 64 отсто, а кај пневмококната вакцина 80 отсто.

Европа во 2024 година со најмногу случаи на морбили во последните 25 години

Проблемот со нискиот опфат со вакцинацијата не е ограничен само на земјава. Според податоците на Светската здравствена организација, во Европскиот регион во 2024 година биле регистрирани 127.350 случаи на морбили и 38 смртни случа, двојно повеќе случаи отколку во 2023 година и највисок број во последните 25 години.

Најпогодени биле Романија, со 30.692 случаи, и Казахстан, со 28.147 случаи. Половина од регистрираните случаи во Европа барале хоспитализација, а 40 отсто од заболените биле деца помлади од пет години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс