Патници на Рајанер пет часа останаа затворени во авион на пистата во Ханија, повикале полиција

Поради дефект на моторот, 183 патници останаа без воздух и климатизација на критскиот аеродром, по што мораше да интервенира полиција.
Фото: Pedro Aragão, CC BY-SA 3.0 GFDL, via Wikimedia Commons

Вкупно 183 патници на компанијата Рајанер поминаа повеќе од пет часа затворени во авион на аеродромот во Ханија на Крит, откако летот за Солун беше прекинат поради технички дефект. Инцидентот се случил во неделата вечерта, кога леталото веќе се движело по пистата за полетување, по што следувало долга блокада во кабината без соодветна климатизација и вода, што предизвикало паника и барање за итна полициска интервенција.

Летот од Ханија за Солун требало да полета во 17:35 часот. Додека авионот се подготвувал за полетување, пилотот нагло закочил и ги известил патниците за технички проблем со моторот. Наместо итно враќање на терминалот, авионот останал на пистата. Патниците сведочат дека вратите останале херметички затворени со часови, без проветрување и со исклучен систем за ладење.

Внатрешната температура брзо пораснала, а во авионот имало и мали деца, бебиња и постари лица. Екипажот првично одбивал да подели дури и вода без наплата.

По неколку часа во задушливиот простор, неколку патници се онесвестиле поради недостиг на кислород и високата топлина. Ситуацијата ескалирала кога дел од револтираните луѓе почнале да викаат и побарале веднаш да се отворат вратите за да излезат.

Бидејќи екипажот не попуштал, патниците се јавиле на европскиот број за итни случаи 112 и побарале полициска помош директно од авионот.

Полициските сили пристигнале на пистата на аеродромот „Јанис Даскалојанис“ и наредиле евакуација на патниците назад во аеродромската зграда. Дел од патниците добиле прва медицинска помош на самото место.

Патниците беа сместени во хотели дури по полноќ, а авиокомпанијата најави дека новиот заменски лет за Солун ќе се реализира во текот на денешниот ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс