Три од четирите сензори за движење на кабините на скопската жичница биле надвор од функција додека таа секојдневно превезувала патници, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Недостатоците биле откриени при проверка извршена од експерти на австриската компанија „Допелмаер“, која ја изгради жичницата.
Според Ѓорѓиевски, експертите по увидот побарале објектот веднаш да престане со работа.
„Мене ми кажаа на состанок веднаш по проверките нешто што беше фрапантно за мене – моравте веднаш да го стопирате функционирањето на жичницата“, изјави тој во интервју за 4ТВ.
Градоначалникот претходно тврдеше дека жичницата, иако е во употреба од 2011 година, во изминатите 15 години немала целосен сервис извршен од производителот. Според информациите презентирани од градските власти, во минатото биле правени само помали интервенции, но не и темелен сервис на целиот систем.
При проверката, покрај неисправните сензори, биле констатирани истрошени делови што предизвикувале триење при движењето на кабините. Ѓорѓиевски во мај предупреди дека продолжувањето на работата без санација би можело да создаде ризик за безбедноста на патниците.
Сепак, во јавноста се појавија различни информации за периодот без одржување. Во 2023 година беше објавено дека жичницата не била сервисирана пет години, додека претставник на кабинетот на градоначалникот на една од седниците на Советот на Град Скопје зборуваше за осум години без сервисирање. Актуелното тврдење на Ѓорѓиевски се однесува на тоа дека од пуштањето во употреба не бил направен целосен или голем сервис од производителот.
Трошокот порасна на околу 730.000 евра
Во јуни, со ребалансот на градскиот буџет, првично беа обезбедени околу 350.000 евра за поправка на жичницата. Подоцна средствата беа зголемени на 45 милиони денари, односно приближно 730.000 евра.
Од Град Скопје тогаш соопштија дека станува збор за сериозен зафат предизвикан од долгогодишна негрижа. Дел од советниците, пак, реагираа дека пред гласањето за дополнителните средства не добиле детален технички извештај за утврдените дефекти и за работите што треба да се изведат.
Првичните најави беа дека сервисирањето ќе заврши во септември, но постапката за избор на изведувач се одолжи и жичницата остана затворена во текот на целото лето.
Според последната изјава на Ѓорѓиевски, потребните резервни делови и оперативен тим од „Допелмаер“ треба да пристигнат во Скопје во наредните денови. По завршувањето на санацијата, компанијата треба да направи финална проверка, да издаде сертификат за исправност и да обезбеди гаранции за вградените делови.
Градоначалникот најави дека пред повторното отворање лично ќе се вози со жичницата заедно со директорот на ЈСП и со вработените.
Еден од најпосетуваните објекти во Скопје
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Изградбата чинеше околу 6,7 милиони евра, а системот располага со 28 кабини со капацитет од осум патници и две ВИП-кабини.
Со жичницата стопанисува ЈСП „Скопје“. Таа беше затворена на 25 април годинава, првично со најава дека прекинот ќе трае само неколку дена. По деталната проверка на „Допелмаер“, беше донесена одлука да остане надвор од употреба до отстранување на недостатоците.