Скопје повторно под чад: Нов пожар кај „Стенковец“, ветерот го носи чадот и од Скопска Црна Гора

Гори дива депонија со наталожен отпад кај спортскиот аеродром, додека пожарот кај Рамно на Скопска Црна Гора веќе два дена се гаси


Густ црн чад повторно се издига над Скопје, откако избувна нов пожар кај спортскиот аеродром „Стенковец“. Според информациите од Центарот за управување со кризи, гори поголема површина со наталожен отпад, а скопските пожарникари веќе интервенираат на терен. Во исто време, силниот ветер го носи кон градот и чадот од пожарот кај Рамно на Скопска Црна Гора, кој е активен веќе два дена.

Црн чад над „Стенковец“, пожарникарите на терен

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека пожарот кај „Стенковец“ зафатил поголема површина и дека гаснењето е отежнато поради количината на отпад што гори.

„Се крева црн чад како атомска бомба. Скопските пожарникари стигнаа на лице место. Поголема површина ќе биде тешко да се совлада. Активен е подолго време, гори наталожен отпад, кој ќе има уште повеќе чад, повеќе густ чад, и во наредниот период скопјани ќе почувствуваат уште поголем мирис“, изјави Ангелов.

Поради видот и количината на материјалот што гори, се очекува чадот и непријатната миризба да продолжат да се шират.

Пожарот на Скопска Црна Гора гори два дена

Дополнителен проблем е пожарот во месноста Рамно, на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево. Пожарот веќе два дена се обидуваат да го стават под контрола, но силниот ветер ја отежнува интервенцијата и го носи чадот во правец кон Скопје.

На терен се скопските пожарникари, со поддршка од пинцгауери на Дирекцијата за заштита и спасување, а ангажирани се и 30 припадници на Армијата. Во текот на денот во гаснењето учествувал и полициски хеликоптер.

Според Ангелов, во моментов нема опасност за околните села. Проблем претставува конфигурацијата на теренот. Пожарот е во длабок дол долг околу 1.600 метри, каде што густиот чад дополнително го отежнува дејствувањето.

„Ветерот дува во насока кон Скопје и чадот се шири кон градот. Дел од Скопје веќе го чувствува мирисот на чад“, рече Ангелов.

Чадот може да се чувствува до вечерта

Според проценката на Ангелов, мирисот на чад може да се чувствува уште неколку часа, сè додека ветерот дува кон градот. Од УХМР во попладневните часови се очекува северозападен ветер, поради што условите и понатаму може да влијаат врз ширењето на чадот

Пожарите кај „Стенковец“ и Скопска Црна Гора се дел од пошироката ситуација со пожарите на отворен простор во земјава. Според последните информации на Центарот за управување со кризи, во моментов има најмалку 30 активни пожари.

Голем пожар се шири и во близина на селото Милетино во Општина Брвеница, каде што огнената стихија претставува закана за куќите, а на терен се тетовските пожарникари. Ангелов оцени дека бројот на активни пожари е невообичаено висок за овој период од годината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс