Британскиот новинар Кристофер Бинленд во The Telegraf го опишува Скопје како еден од најнеобичните европски главни градови – место кое изгледа како „Лас Вегас на Балканот“, со екстремна архитектонска мешавина од неокласицизам, споменици и модернистички остатоци од социјалистичката ера. Во својот текст, тој го става фокусот на проектот „Скопје 2014“, кој радикално го промени центарот на градот со огромен број статуи, фасади и монументални градби во неокласичен стил.
Град како филмска сцена
Според авторот, плоштадот Македонија изгледа како сценографија од филм за организиран криминал од 90-тите со фонтани, лавови, колонади и огромни споменици што доминираат во просторот. Во центарот се наоѓа монументалната статуа на коњаник, која често се поврзува со ликот на Александар Велики, иако неговото именување останува политички чувствителна тема во регионот.
Авторот потсетува дека проектот бил инициран во периодот на владата на Никола Груевски, како обид за „реафирмација“ на националниот идентитет преку архитектура и историја. Критичарите, пак, често го опишуваат проектот како контроверзен обид за преработка на историјата и создавање на нов визуелен идентитет на градот.
И покрај новите фасади, во Скопје сè уште постојат значајни модернистички објекти од периодот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога обновата на градот беше поддржана и од Обединетите нации. Јапонскиот архитект Кензо Танге бил дел од меѓународниот план за модерна реконструкција, а дел од неговите објекти, како главната железничка станица, и денес се дел од урбаната слика на градот.
Бинленд го опишува Скопје како место каде се судираат различни историски слоеви, од социјалистички модернизам, преку националистичка архитектура, до современи урбани и етнички тензии. Тој забележува и мултиетнички аспекти на градот, вклучувајќи ги протестите и симболите на албанската заедница, како дел од поширокиот општествен контекст.
И покрај хаотичната и често „надреална“ архитектура, Скопје е опишано како еден од најфасцинантните европски главни градови – место кое не остава никого рамнодушен.