Пеце „Суперхикс“: Младите учат за сексот од погрешни извори, а согласноста и границите се прашање на зрелост

Пеце од „Суперхикс“ предупредува дека младите добиваат погрешни информации за сексот од интернет, а дел од нив дури и бараат совети за интимните односи од вештачката интелигенција. Сексуалното образование е клучно за да научат да ги почитуваат сопствените и туѓите граници.

„Живееме во поголемиот дел од колективната свест во осумнаесетти век, а не во 2026 година“ вака Пеце од „Суперхикс“ ја опишува општествената непријатност отворено да се зборува за сексуалното образование, иако младите секојдневно се изложени на сексуални и експлицитни содржини преку интернетот и социјалните мрежи.

Според него, младите често добиваат погрешни, непроверени и нерелевантни информации за сексуалното здравје, врските и интимноста. Наместо знаењето да доаѓа од стручни лица и проверени извори, тие се потпираат на содржини што ги гледаат онлајн, без секогаш да можат да проценат дали се точни и безбедни.

„Она што особено ме плаши е што бараат совети од ChatGPT за тоа како да се однесуваат во некаква врска, што да прават во сексот и слично. Тоа не е баш мудро“, вели Пеце, посочувајќи дека сексуалното образование треба да им помогне на младите да добијат точни информации и да развијат критички однос кон содржините што ги консумираат.

Согласноста и границите се дел од зрелоста

Сексуалното образование не се сведува само на информации за телото и сексуалното здравје. Тоа значи и учење како да се препознае здрава врска, како да се постават лични граници и како да се почитува туѓото „не“.

„Многу е важно да знаат да кажат не“, нагласува Пеце. Според него, младите треба да научат дека поставувањето граници не е знак на слабост, туку начин да се заштитат себеси и да изградат односи засновани врз почитување.

Тој смета дека разговорот со децата е особено важен и дека родителите треба отворено да разговараат со нив за врските, личните искуства и ситуациите во кои некој може да ги премине нивните граници.

„Се трудам да објаснувам, се трудам да зборувам. Пред сè, разговорот“, вели Пеце, додавајќи дека со своите деца споделува и лични искуства и ситуации во кои постапил правилно, и оние во кои згрешил.

„Информирајте се, па потоа да направиме нешто добро за нашите деца“

Пеце смета дека дел од отпорот кон сексуалното образование произлегува од недоволното познавање на неговите содржини. Тој вели дека луѓето често коментираат и критикуваат без претходно да се запознаат со материјалите за кои станува збор.

„Iнформирајте се, пред сè информирајте се, а потоа дајте да направиме нешто добро за нашите деца“, порачува тој.


Во време кога младите се изложени на огромен број информации, од кои не сите се точни или соодветни, сексуалното образование може да им помогне да ги разберат своето тело, своите права и одговорности, да препознаваат ризични ситуации и да градат односи во кои согласноста и почитувањето се основа, а не исклучок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс