Македонците потрошиле 1,4 милиони евра на OnlyFans за една година

Регионалната потрошувачка надмина 30 милиони евра, при што Хрватска и Словенија убедливо предничат во дигиталните претплати за возрасни.
Фото: Софи Рејн, инфлуенсерката со најголема заработка на OnlyFans/ Instagram

Корисниците од Македонија издвоиле околу 1,4 милиони евра за претплати и содржини на платформата OnlyFans во текот на финансиската 2025 година. Според новите аналитички проценки на платформата JuicySearch, објавени од Блумберг Адрија, шесте држави од регионот заедно потрошиле речиси 31 милион евра. Овие бројки јасно покажуваат дека глобалната индустрија за директна наплата на содржини за возрасни зафаќа сѐ поголем дел од домашниот дигитален буџет.

Хрватска се наоѓа на самиот врв во регионот според парите оставени на платформата. Хрватските корисници платиле околу 10 милиони евра во периодот од декември 2024 до ноември 2025 година. Словенија е на второто место со 8,9 милиони евра, додека трета е Србија каде што се евидентирани приближно 7,7 милиони евра.

Македонија се наоѓа на петтата позиција меѓу шесте анализирани земји. Зад македонските 1,4 милиони евра е само Црна Гора, каде што граѓаните потрошиле околу 600.000 евра. Во Босна и Херцеговина се забележани 2,3 милиони евра, со забележителен годишен скок од речиси 24 проценти, предводен од корисниците во Сараево и Бања Лука.

Бројките не произлегуваат од директни извештаи на домашните деловни банки, туку претставуваат аналитички пресметки. Сервисот JuicySearch ги добива овие податоци преку распределба на вкупните приходи на матичната компанија Феникс интернешнл (Fenix International), комбинирани со податоци за интернет-пребарувањата по земји.


Самата платформа задржува провизија од 20 отсто од секоја поединечна уплата или месечна претплата, додека останатите 80 проценти одат директно кај авторите на профилите. На светско ниво, корисниците лани уплатиле вкупно 6,8 милијарди евра на платформата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс