Проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“ се претставува како можност за долгорочна трансформација на градот, но институциите веќе признаваат дека до тогаш треба да се завршат сериозни инфраструктурни и програмски обврски.
Скопје влегува во важна фаза од подготовките за 2028 година, кога треба да ја понесе титулата Европска престолнина на културата. Но покрај оптимистичните пораки за нов културен развој, денешната конференција отвори и суштинско прашање: дали градот навреме ќе успее да ги заврши обврските што ги носи овој процес.
Една од главните пораки од конференцијата беше дека ова не треба да се гледа како еднократен настан, туку како шанса за подолгорочна трансформација на Скопје. Според учесниците, проектот не се врзува само со културна програма, туку и со инфраструктурни зафати, активирање на институциите и пошироко подобрување на квалитетот на живот во градот.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека процесот треба да значи почеток на подлабоки промени за градот, а не нешто што ќе заврши во 2028 година.
„Целта на овој проект не е да се заврши во 2028 година. Ние со овој процес да дадеме движење и јасна визија на градот Скопје за наредните 50, 100 години. Да создадеме места каде ќе има дух, места каде ќе ги користат нашите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најави дека меѓу клучните инвестиции е Универзалната сала, а посочи и дека веќе е обезбедена финансиска рамка за поддршка на процесот.
„Во Скопје има некаде околу 23 локални установи и уште толку национални установи кои ќе се вклучат во целиот процес. Не само оние финансиски средства како Влада што ги обезбедивме 20 милиони евра, туку во фокус ќе ги ставиме и сите институции во делот на културата да работат во 2028 година за годишната програма“, изјави Љутков.
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, нагласи дека овој проект има значење што оди подалеку од културните настани и укажа дека културата може да има поширока општествена улога.
„Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите. Културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата. Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите, бидејќи Европската Унија е со вас во ова патување“, рече Рокас.
За постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, проектот носи можност Скопје да се редефинира и низ урбан развој и низ отворање на јавниот простор.
„Заедно со градот Скопје ќе работиме на трансформација на коридорот на реката Вардар во зелен, активен урбан простор и на отворање на клучните културни знаменитости. Овој момент нуди можност да се обликува иднина која е креативна, инклузивна и одржлива, вкоренета во европските вредности“, изјави Григоријан.
Конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, одржана во рамки на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, ја испрати пораката дека овој процес треба да донесе трајна промена. Но истовремено останува и отвореното прашање дали институциите, со конкретни чекори и во ограничен рок, ќе успеат таа амбиција да ја претворат во реалност.