ЕУ реагира по блокадата на AI моделите на Anthropic: Ограничувањата не смеат да бидат дискриминаторски

Европската комисија ја критикува одлуката на САД да им го ограничи пристапот на странски корисници до најнапредните AI модели на Anthropic и предупредува на дискриминаторски последици.

Европската комисија изрази загриженост поради одлуката на американската администрација да воведе извозни ограничувања за најмоќните модели на вештачка интелигенција на компанијата Anthropic, оценувајќи дека ваквите мерки не треба да бидат дискриминаторски кон партнерските земји.

Откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во петокот нареди странските државјани да немаат пристап до AI моделите „Fable 5“ и „Mythos 5“ поради наводни безбедносни ризици, компанијата беше принудена да го ограничи користењето на овие системи за сите корисници надвор од САД, вклучително и во Европа.

„Сведоци сме на нова генерација исклучително моќни AI модели кои носат значајни придобивки, особено во областа на сајбер-одбраната, но истовремено отвораат и сериозни прашања поврзани со сајбер-безбедноста“, изјави портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет Томас Рењие.

Тој нагласи дека станува збор за глобален предизвик кој не е ограничен на една држава или една компанија и додаде дека мерките што се преземаат во вакви ситуации не треба да создаваат нееднаков третман кон сојузниците и партнерите.

Во Брисел внимателно ги анализираат практичните последици од одлуката врз европските корисници и компании кои користат напредни AI алатки. Според Комисијата, случајот дополнително ја нагласува потребата Европа да ја зајакне својата технолошка независност и да развива сопствени капацитети во областа на вештачката интелигенција. Моделите „Fable 5“ и „Mythos 5“ се сметаат за едни од најнапредните AI системи во светот. Првично тие биле достапни само за ограничен број корисници со цел да се процени нивната способност за откривање и анализа на безбедносни ранливости кои би можеле да бидат злоупотребени за сајбер-напади.

Во меѓувреме, извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, ќе учествува на состанокот на лидерите на Г7, каде што темата за безбедноста и регулирањето на вештачката интелигенција се очекува да биде меѓу главните точки на агендата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс