На западниот брег на Преспанското Езеро, на стрмните падини на Галичица, постои место каде природата се надминува во своите дарови. Планински воздух исчистен од иглолисни шуми, езеро со мирна вода и преубав поглед под Галичица. Отешево, малото село во Преспа, ја поседувало целата убавина за идеален туристички центар. Освен природата, местото имало и историска тежина. Во 1943 година тука е одржано Преспанското советување на ЦК на КПМ, настан кој е директен предвесник на заседанието на АСНОМ и формирањето на Народното Собрание на Македонија. Оваа двојна вредност, природна и идеолошка, го направила Отешево идеален терен за социјалистичкиот проект на масовен туризам.

1948–1950: Прво одморалиште во СР Македонија
Туристичката населба Отешево постои од 1948 година, кога овде е изградено првото одморалиште во Социјалистичка Република Македонија. Тоа е амбициозен сигнал, новата држава го одбира токму ова место за свој прв плански туристички зафат. Во тој прв бран на изградба се формира и јадрото на населбата неколку вили и одморалишта, а набрзо се изградуваат и капацитети за работнички туризам. Хотелот кој подоцна ќе го добие името „Југославија” во почетокот ги менувал имињата: прво бил познат како „Вилата на Лазо”, потоа „Вилата на Цветко”, пред да добие статус на комерцијален хотел. Според сведоштва, во него неколку пати престојувал и Јосип Броз Тито.
Кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите, Отешево веќе е престижно и елитно летувалиште не само во Македонија, туку и во поширок југословенски контекст.

Споменикот на Преспанското советување
Историската важност на Отешево е потврдена и со изградбата на Споменикот на Преспанското советување, дело на архитектите Јордан Грабул и Боро Јосифовски. Монументалната бруталистичка структура е дел од програмата за градење на националниот идентитет и денес е дел од базата на spomenikdatabase.org , меѓународниот каталог на споменици на социјалистичката Југославија.
Хотелот „Југославија” бил најпознатиот и најголем објект во туристичката населба Отешево. Сместен директно на брегот на езерото, тој со децении ја дефинирал туристичката понуда на целиот преспански регион. Неговата репутација ги надминувала границите на Македонија. Во 1980-тите и 1990-тите, Отешево било полн со живот, хотели, вили и ресторани … Меѓутоа, со изградбата на новиот хотел „Европа” во 1987 година, „Југославија” паднала во неговата сенка, препуштајќи го примат на помладиот и поголемиот сосед.
1987: Идејата за Хотел „Европа”
До средината на 1980-тите, туристичкиот потенцијал на Отешево веќе е целосно докажан. Хотелите и павилјоните во населбата редовно се исполнуваат со домашни и меѓународни гости, а побарувачката ги надминува капацитетите. Следниот чекор бил логичен: нов, поголем, пораскошен хотел. Задачата ја добила ГП „Мавровопроект”, а проектот им е доверен на архитектите Ѓорѓи Банишки и Павлеска. Нивната иницијална инспирација дошла директно од постоечкиот Хотел „Југославија” — неговите форми, неговиот дух, неговата врска со пејзажот.
Годината на изведба е 1987. Новата структура е позиционирана на стрмен рид непосредно до „Југославија”, прилепена кон веќе постоечкиот сосед, но со амбиции кои далеку ги надминуваат неговите. Хотелот „Европа” е грандиозен комплекс, покрај сместувачките капацитети, тој вклучува богата функционална програма, огромни колективни простории, тераси и сложено партерно уредување.
Внатрешниот распоред создавал истражувачко, изненадувачко искуство кое отстапувало од стандардите на тогашните хотели (кај кои езерото обично е видливо уште од влезот). Од влезната сала и рецепцијата на петтиот кат, посетителот имал три насоки: лифтови и главни скали кои водат до хотелските соби, голем lounge простор со целосно застаклена фасада и поглед кон шумата и од лево постепено спуштање кон колективните содржини, ресторан, барови, простори за одмор оријентирани кон надворешната тераса на карпа
Покрај ресторанот и баровите, хотелот содржел куглана, банкет сала и ноќен клуб. На двете највисоки нивоа имало две кровни тераси со поглед кон езерото. Надворешните тераси почнувале од ресторанот и преку низа платформи се спуштале низ стрмниот рид. Изработени од локален камен, тие изгледале издлабени директно од карпата, архитектурата органски се поврзувала со пејзажот. Скалите воделе до централниот отворен простор со мала градина и аудиториум, а оттаму продолжувале кон езерото, плажата и летниот бар.
Туристичката населба Отешево функционирала како затворен, самодоволен ентитет. Во нејзиниот состав, покрај двата хотели, се наоѓале и: Центар за рехабилитација, Авто-камп Отешево, Споменикот на Преспанското советување, и влезна капија. Капијата, трета точка во комплексот.
Златна ера: 1980-ти и 1990-ти
По отворањето на Хотелот „Европа” во 1987, населбата го достигнала својот врв.Езерото нудело летно капење и риболов, Галичица планинарење и зимски спортови. Оваа амбиција да се изгради хотел со вакви огромни димензии на „off-grid” локација далеку од урбаниот центар, збори за исклучителна самодоверба и оптимизам. Отешево го полнело секој кревет, секоја маса во рестораните, секоја тераса. Тоа беше пикот.

2005: Пожарот
Во септември 2005 година, во текот на ноќта, во просториите на Хотел „Југославија” избувнал пожар кој беснеел шест часа, сè до седумчасот изутрина. Пламените јазици ги зафатиле и ресторанските и помошните простории на соседниот Хотел „Европа”. Двата хотели биле сериозно оштетени.
Официјалната верзија говорела за вклучени фритези без термостати во кујната на „Југославија”, за настанот биле обвинети готвачот и шефот на кујната. Меѓутоа, постои и детал кој останал прилепен во колективното сеќавање на регионот: полициските екипи констатирале дека пожарот всушност избувнал во просториите каде се наоѓала целокупната документација и книговодството. Оваа информација, пренесена во тогашните медиуми, никогаш не добила судска завршница.




Ресенчани и денес со горчина и носталгија зборуваат за сомнежите дека хотелот бил намерно запален. Се шпекулирало со имиња и со значајни суми исплатени од осигурувањето.Почетната материјална штета од пожарот е проценета на повеќе од половина милион евра. Но реалната цена, покажа времето, беше многу поголема.
Она што огнот тогаш го поштедил, го земаат луѓето подоцна. Во годините по пожарот од двата хотела систематски се вади сè: мебел, ѕидни и подни плочки, стакло, прозорски рамки, врати, па дури и дрвените тавани. Останало само основното армирано-бетонско јадро. Туризмот во Отешево практично замрел. Од десетиците згради кои некогаш постоеле во населбата, во функција останале само кампингот и центарот за рехабилитација.
На 6 јуни 2006 година, само неколку месеци по пожарот, во време на тогашниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази, државното градежно земјиште наменето за туристичко-стопански комплекс од висока категорија е продадено за 1 евро по метар квадратен, вкупно 399.421 евра. Купувач е португалската фирма „АкваПура Хотелс, Вилас и Спа ДООЕЛ Ресен”. Ветувањата за луксузна реконструкција никогаш не се реализирале. Во 2010 година, откако биле констатирани нерегуларности (отсуство на урбанистички план), Министерството за транспорт поднело тужба за поништување на договорот, која ја добило. Парите биле вратени на португалската фирма, а хотелот навлегол во правен вакуум. Претпоставка е дека во меѓувреме бил ставен под хипотека во банка.


Втора продажба — 2016
Во 2016 година хотелот стигнал до извршител, кој го продала на јавна аукција. Победник на аукцијата со цена од 23.960.000 денари (околу 390.000 евра, или само 34 евра по метар квадратен) е фирмата „Греен Скопенегру ДООЕЛ Скопје”, во сопственост на арапски бизнисмени, поврзана со инвеститорот Салах Абдул Бали од Обединетите Арапски Емирати. Во 2019 година, претставник на фирмата изјавил за НОВА ТВ дека планираат изградба на ексклузивен хотел на 12.000 метри квадратни, по проект на бирото „Џони и Џони” (за кој платиле 130.000 евра), со буџет од 8 до 10 милиони евра и рок од 18 месеци. Комуникацијата меѓу Ресенската општина и сопствениците се одвива преку адвокатски друштва и останува практично мртва.

Денешната состојба
Германецот Нико од Штутгарт го нашол Хотел „Европа” на Google Maps, означен едноставно: „напуштен хотел”. Патувал преку Косово, навигацијата го донела до Преспа. Кога стигнал, запрепастен прашал: зошто?
Нема краток одговор.
Двата хотели, „Европа” и „Југославија” денес се целосно напуштени и деградирани. Тие се споменици на претераниот оптимизам и на недостатокот на моќ и интерес за зачувување на нашето архитектонско наследство. Иронично, рушевините на Хотел „Европа” привлекуваат нова публика а тоа се „urban explorers”, авантуристи во потрага по убавината на распаѓањето. Нивните фотографии патуваат по светот преку Atlas Obscura. Соголената армирано-бетонска структура, со своите испакнати балкони и скалишни платформи кои се спуштаат кон езерото, останала естетски моќна дури и во руини.


Историјата на хотелите во Отешево е всушност приказна со три лица: за архитектонска амбиција која успеала да создаде нешто навистина извонредно, за политичка и економска небрежност која дозволила тоа извонредно да пропадне, и за правен лавиринт во кој одговорноста исчезнала некаде меѓу португалски фирми, арапски инвеститори и извршители.
Хотелот „Европа”, проектиран да трае децении, изгорел и бил ограбен за помалку од 20 години. Земјиштето на кое стои со неспорен туристички потенцијал помеѓу два национални паркови, со две државни граници во близина и кристалното Преспанско Езеро пред него и денес чека.