Порака од Скопје до ЕУ: Десет земји бараат итно забрзување на евроинтеграциите

Во декларацијата усвоена на форумот EUSAIR се бара проширувањето на ЕУ да остане геостратешка инвестиција во стабилноста на регионот и Европа.

Десет земји од јадранско-јонскиот регион, меѓу кои и Македонија, усвоија декларација во Скопје со која повикаа на забрзување на процесот на проширување на Европската Унија. Во документот се наведува дека проширувањето треба да остане стратешки приоритет и геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа.

Министри и државни секретари од Хрватска, Италија, Словенија, Грција, Македонија, БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија и Сан Марино се собраа во Скопје на годишниот форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион, EUSAIR. Годинашниот форум се одржува од 18 до 20 мај во Скопје, под македонско претседавање, со фокус на проширувањето, регионалната соработка, младите и демографските предизвици.

Во декларацијата земјите ги повикаа сите 27 членки на ЕУ да го задржат континуираниот фокус на пристапниот процес на земјите кандидатки. Според нив, процесот мора да биде веродостоен, предвидлив и заснован на заслуги, со видлив напредок во реформите и исполнување на утврдените критериуми.

Најблиску до членство во моментов се смета Црна Гора, чија влада се надева на влез во ЕУ до крајот на 2028 година. Земјите од EUSAIR оценија дека во преговорите со кандидатите е создаден „позитивен импулс“ и побараа таа динамика да продолжи.

EUSAIR е макрорегионална стратегија на Европската Унија воспоставена во 2014 година, преку која земји членки и земји што не се членки на ЕУ соработуваат во области како заштита на животната средина, културно наследство, транспортно поврзување и регионална интеграција. Во јадранско-јонскиот регион и неговото пошироко заднина живеат околу 70 милиони луѓе.

Македонија претседаваше со овој формат во изминатата година, а претседавањето сега го презема Италија, која најавува продолжување на поддршката за проширувањето кон Западен Балкан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс