Скопје на 19 јуни ќе биде домаќин на првата меѓународна безбедносна конференција „Skopje Security Conference 2026“, која ќе се одржи во хотелот DoubleTree by Hilton под мотото „Безбедност во транзиција: навигација низ технологијата, геополитиката и отпорноста во свет што се менува“.
Конференцијата, организирана од Центарот за безбедносни студии, Скопје, ќе собере дипломати, носители на политики, безбедносни експерти, академици и претставници на граѓанското општество од повеќе земји. Во фокусот ќе бидат предизвиците поврзани со вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, хибридните закани, критичната инфраструктура, климатските ризици и регионалната соработка на Западен Балкан.
Програмата предвидува пет тематски панели посветени на мултилатералната безбедност, когнитивното војување, улогата на вештачката интелигенција во современото војување, климатската и енергетската безбедност, како и економската стабилност во регионот.
Организаторите очекуваат конференцијата да придонесе Скопје да се позиционира како регионален центар за стратешки дијалог за безбедност, отпорност и меѓународна соработка.